среда, 07. децембар 2016.

,,Ден на дрвото – засади ја својата иднина”

           Нашето училиште зеде активно учество во акцијата „ДЕН НА ДРВОТО - Засади ја својата иднина“, која се одржа на 30. 11. 2016 година.
    Во неа активно учество зедоа сите ученици од прво до деветто одделение. На тој начин кај нив се создаваат навики за правилен однос кон природата и нејзините убавини, навики за нејзино чување, грижа и засадување дрвја. Активностите се реализираа во зависност од возраста на учениците. 
    Учениците од одделенска настава ги реализираа своите активности во училниците, каде цртаа цртежи на тема природа, изработуваа предмети од пластелин, картон, колаж хартија и истите ги изложија во своите училници.
    Учениците од петто одделение твореа прозни и поетски творби за природата и нејзините убавини, додека учениците од шесто до деветто одделение директно се вклучија во засадување млади дрвца во училишниот двор и на тој начин, не само што ја обележаа оваа активност, туку и дадоа свој придонес во разубавувањето на училиштето.
                                                                               Предметен наставник: Каролина Коларовска                     



         Во нашето подрачно училиште во населба Пинтија ученици заедно со своите одделенски раководители, со големо задоволство ги реализираа планираните активности во своите училници, како и во училишниот двор. Во училниците беа изработувани еко-проекти (плакати, цртежи, сликовници) каде преку пишување еко-пораки, цртање, сечење, лепење на стара весникарска хартија, учениците ја изразија својата креативност, ја разбраа, а воедно и испратија пораката, за потребата од чување на шумите и перманентното садење на нови садници, за да придонесеме за што почист воздух сега, за нас и за идните генерации. Истата порака ја испратија и учениците кои во училишниот двор успешно ја спроведоа акцијата за пошумување, а за таа цел засадија  млади садници, кои ќе продолжат да ги негуваат и чуваат.
     Во акцијата покрај учениците и нивните наставници, участвуваа  вработените од техничкиот персонал, кои со многу љубов и посветеност се грижат за хигиената на училиштето и за одржувањето на убавиот училишен двор.

                                                                                   Одговорен наставник: Билјана Шоклевска 





Нема коментара:

Постави коментар