петак, 8. април 2011.

Повторно нешто ново од нашиот највреден писател - Марија Ралповска

Ова е творба на Марија која е објавена во списанието „Наш свет“.
ПОИНАКВА

Сè се случи едно лето кога сите мои другарки беа на одмор, освен јас. Моите родители ова лето ја пребојуваа куќата, па не можевме да одиме нигде. Бесна, лута и тажна поради тоа што останав сама, заминав на блиската плажа. Бев задлабочена во своите мисли и овојпат не ме интересираа момчињата на плажата кои ми се насмевнуваа. Бев желна за нешто интересно, пекав за авантури.
Одејќи така отсутна од сè околу мене, сум ја поминала плажата каде што беше целиот оној караван од луѓе. Решив да се вратам додека сонцето сè уште не ги прибрало зраците. Така брзајќи и размислувајќи, се сопнав од еден камен и паднав. Бев лом. Тоа ме забави некое време. Одеднаш, тишината ја прекина едно движење на плажата. Бев сигурна дека бев сама. Тогаш, што беше ова? Несвесно се свртев кон морето и го видов. Беше нешто големо, долго и темнозелено и се движеше наваму. Пред мене се појави огромна змија. Се тргнав наназад неколку чекори, но змијата почна да се движи кон мене. Бев сама. Немав помош, ниту можев да бегам. Откако изврте неколку кругови околу мене, змијата само остави една сребрена школка на песокот и ја снема низ трските.
Срцето ми лупаше силно. Црвена светлина излегуваше од школката како сончев зрак пробиен низ облаци, парајќи го небото и осветлувајќи сè околу мене. Се наведнав и ја зедов школката в раце. Додека ја набљудував, светлината згасна. Бев сигурна дека видов две црвени, темни очи што беа вперени кон мене. А еден глас одвнатре ми зборуваше нешто нејасно и тивко. Она што одвај го разбрав беше дека наскоро сè ќе се смени. Одејќи накај дома, го слушав истото, но појасно. Потоа и очите и гласот исчезнаа.
Останав будна превртувајќи се во креветот и размислувајќи за она што го видов. Беше чудно и не, не можеше да е реална школката што имаше очи и зборуваше, па пребарував некоја повистинита теорија за сето тоа. Веројатно ме заслепил некој последен сончев зрак, па ми се причинила светлината, а некое момче се обидувало да ја избрка мојата занесеност по обичната школка и да го привлече моето внимание. Но што беше со црвените очи? И нив ли си ги замисли мојата бујна фантазија? Па, веројатно е така. Кога сум паднала, сум се удрила силно, а од стравот поради змијата, не сум му дала значење на ударот. Да, така беше. Најпосле, и онака сега ги немаше ни очите ни гласот. Така размислувајќи, по некое време сум $ дозволила на месечевата светлина да ме успие.
Утредента, тегнејќи се во мојот кревет, кој беше многу потврд од обично, чекав како и секое утро да ме расони мирисот на топлиот шумски чај, или пак штурците од блиските грмушки. Но, ништо од тоа. Како што посегнав по школката, забележав дека нешто ми ја скокоткаше испружената рака, моите прсти допреа нешто тенко и тркалезно, а сонцето ме печеше повеќе од вообичаено. Полека ги отворив очите и мојот поглед се сретна со синото небо. Изгледа вчера сум залутала некаде. Се поткренав на лактите со сè уште испружената рака кон школката која не ја најдов. Лежев на една ливада со висока трева и цвеќиња околу мене. Можно ли беше цвеќињата да беа трипати поголеми од оние што беа во нашиот двор, а крошните на дрвјата да се веат со листови во сите можни бои? Од црвена и жолта, до сребрена, небесносина, медовозлатна, боја на кајсија, слива, лаванда, ванила и какви ли уште не. Сонувам ли? Ова е прекрасно. Тргнав со бавни чекори да го разгледам тоа занесно место, допирајќи сè околу мене. Розите, орхидеите, хортензиите, маргаритките и лалињата, па речиси беа колку мене. А дрвјата ги тресеа своите листови кои како никогаш да не секнуваа, како постојано да растеа нови кои ја боеја земјата во сите бои.
Тогаш едно црвенило го привлече моето внимание, ме заслепе. Тоа беше истата светлина од школката! Тргнав кон неа, а таа стануваше сè посилна. Така занесена, не забележав дека сум стигнала до висок кањон во кој имаше река. Мојата нога се лизна од карпата и последното нешто што го забележав додека летав во воздухот надолу и пред да паднам во водата, беше една црна силуета со некое бело животно до неа.
Следниот момент се борев со брзата струја на реката која ме носеше накај водопадот. Кога успеав да земам воздух со подадена глава надвор од водата, ја забележав несреќата што ми се приближуваше. Со секоја измината секунда се наближував кон еден огромен водопад, а во далечината на реката забележав риби налик на пирани но, многу поголеми. Тие беа сè поблиску до мене, а јас не можев да најдам начин да избегам. Беа десетина. Но, само што ги затворив очите чекајќи да ме распарчат, нешто ме извлече од водата. Беше како да летав за момент. Помислив дека одам кон рајот и не ги отворив очите, но еден глас го стори тоа.
-Добро си? -Ме праша гласот кој звучеше како тој од школката. Се свртив. На почетокот можев да видам само наметка во која како да се прелеваше самото небо, кремова кошула, кафеави панталони и високи црни чизми, а под долгата капа ѕиркаше едно русо перче коса. А кога ја симна капата... Под неа постоеше најубавото суштество што некогаш сум го видела. Имаше светло румено лице чие чело го криеја русите перчиња од неговата коса, очите му беа како прелеана карамела во кои искреше љубопитност и добрина, а срдечна, по малку, загрижена насмевка му играше на лицето.
-Добро сум. Ти благодарам. А каде се наоѓам?
-Во Виленија, Анабела. -Ми се насмевна. Изгледа беше време да го прифатам овој сон. Или фактот дека почнав да полудувам.
-Викај ме Бела, те молам. И каде рече дека сум? -Тој кимна со главата.
-Се наоѓаш во Виленија. Ја нарекуваме и Третата Земја. -Се вмеша еден друг глас во разговорот. Беше животно кое... Зборуваше! -Ова е димензија паралелна на твојот свет, само што е поразлична. Како што веќе забележа, животните зборуваат и тука постојат суштества кои за твојот свет се измислени. Покрај тоа што се самовили, вампири, џуџиња, животни што зборуваат и летаат, вештерки, тролови, тие имаат и натприродни моќи. Читаат туѓи мисли, гледаат во иднината, стануваат невидливи, можат да ти нанесат болка со погледот, да те скаменат и уште многу други работи. Знам дека ти е чудно мила, но ќе се навикнеш. Јас сум Дара, мило ми е. -Не можев да прозборам ништо. Со едната рака се штипнав силно, но ништо, останав заглавена во овој сон, или свет.
-Еј, не сонуваш. Ова е реално. -Се вмеша суштеството што ме спаси.- Патем, се викам Даријан.
-Мило ми е. -Успеав да нанесам некоја насмевка на моето лице, зашеметена од неговиот поглед. -А што барам јас тука?
-Имаш мисија. Овде си дојдена неслучајно Бела. -Тој стана сериозен. -Нашата мала земја е во...голема опасност. -Ги бараше вистинските зборови за да ми објасни. -Сè тргна наопаку. Многу самовили и добри животни умираат, целата Виленија стана мрачна, освен ова мало делче во кое западна ти. Се наоѓа под заштитна топка за која не сме сигурни дека ќе издржи уште долго. Јас можам да ја видам иднината, а во неа не гледам ништо добро. Единствен спас си ни ти.
Гледал во иднината. Како? Преку кристална топка или?
-Но не сфаќам како може едно обично суштество да ви помогне.
-За тоа подоцна, сега да те однесеме оттука. -Тој ме однесе до едно дрво и низ една мала врата ме внесе во стеблото на дрвото. -Јас и Дара ќе одиме да ги известиме останатите дека пристигна. Во меѓувреме, чувствувај се како дома и запомни: НЕ напуштај го местово додека не се вратиме ние!
-Во ред.
Следниот момент бев сама. Се наоѓав во стебло од дрво. Имаше една мала масичка на средината, неколку столови, полици со книги и мали шишенца и еден кревет. Тие живееја тука. Значи, овдешните жители својата безбедност ја барале во дрвјата. А ова и не изгледаше како дрво, туку како куќа во која живеат обични луѓе, а не лисица и суштество кое гледа во иднината. Сепак...Не сфаќав како можев јас да им помогнам, иако ќе сторам сè што можам.
Ме интересираше кое од оние дрвја што ги видов надвор беше ова. Ја подотворив малата врата и излегов. Се наоѓав точно пред сребреното дрво. Гледав наоколу занесена повторно, но се сетив на зборовите на Даријан и тргнав кон вратата. Но само што го допрев гранчето обложено со сребрени ливчиња, нешто ми засветка од едно виолетово дрво кое беше малку подалеку од останатите и изгледаше малку мрачно. Кога погледнав натаму, повторно ја видов црвената светлина. Мојата љубопитност сама ме понесе натаму.
Нешто во тревата ме пречека. Мојот страв овојпат ја надвладеа мојата љубопитност. Пред мене се создаде еден огромен сивобел волк со најцрните очи што некогаш сум ги видела. Личеше како животното од кањонот, но беше пострашно овој пат. Немаше бегање, волков беше колку мене!
-Здраво. -Ме поздрави со длабок глас кој наликуваше на 'ржење. -Бевме известени за твоето доаѓање. Јас сум Ралф. Следи ме. -Молчешкум го послушав неговото барање. Кога стигнавме до виолетовото дрво, светлината згасна, а јас забележав дека немаше влез во тоа дрво како кај Даријан.
Додека се прашував како ќе влеземе, волкот помина низ дрвото и го снема, а една ладна рака излезе од него и ме повлече внатре. Пред мене стоеше истата црна силуета што ја видов пред малку. Имаше црвени очи кои како да беа жедни за нешто, а густата црна коса ги засенуваше. Имаше и некоја мрачна насмевка. Всушност, целово ова место беше мрачно! А кога Даријан ќе дознае дека најверојатно западнав во неволја, нема да е многу среќен.
-Значи, ова е нашиот дојденик. -Неговиот топол здив го обви моето лице додека ме држеше со ладната рака за зглобот и ме испитуваше со темните очи. Зинав за да го поздравам, но тој ме прекина уште кај моето име.
-Бела. Мило ми е.
-Како го знаеше моето име?
-Знам многу повеќе отколку што мислиш. -Се насмевна ладнокрвно, но веднаш потоа лицето му стана сериозно и збунето. -Ова не е како што треба.
-Што се случи? -Се вмеша Ралф, мислам така се викаше.
-Таа е имуна на мене. -Ја протресе црната коса што му одеше накај очите, а мене ми кружеа прашалници над главата.
-Јас сум што? -Но тој го занемари моето прашање и со двете ладни раце го приближи моето лице до неговото, а очите му стоеја неподвижно врз моите. Беше сладок. Ако го отфрлиме фактот дека сигурно е злобен.
-Ова не е можно. -Се сврте со грбот накај мене. Додека стоеше така, јас можев да го разгледам местото. Беше темно, без ниеден зрак сончева светлина, а немаше ни кревети, само една маса на која стоеја шишенца кои личеа на напивки или нешто слично. Но, каде спиеше тој? Сигурно не беше буден постојано. Или можеби е, земајќи предвид дека сум во чудно место.
Наеднаш се сврте кон мене. Од десната рака, над вените, имаше свежа рана од која навираше крв.
-Жалам за ова што ќе се случи сега, но морам. -Се насмевна злобно, а јас можев да му ги видам забите што му личеа како на...
-Вампир...-Прошепотив додека се обидував да направам некој чекор наназад.
Но, во следната секунда тој стоеше до мене и неговите вампирски заби ги забоде во мојата лева рака, а потоа неговата крв ја смеша со мојата.
-Што правиш? -Едвај изустив бидејќи силата веќе ме напушташе, а болка ми го обвиваше телото. Единственото нешто на коешто бледо се сеќавав беше дека нешто ме извлече надвор од ова дрво, а вампирот нешто го кутна на земја без да го допре. Чувствував ужасна болка низ целото тело.
Кога се разбудив, првото нешто што го видов беа загрижените очи на Даријан, кои блескаа од светлината што влегуваше во собата. Зад него стоеја Дара и уште едно суштество. Не можев точно да препознаам кое. Во еден сад мешаше нешто со рацете кое потоа Даријан ми го подаде да го испијам.
-Ти реков да седиш внатре.
-Знам, извини. -Изустив и се поткренав за да го испијам она што ми го даде.
                Отпрвин, тоа беше вкусно и благо, како стопено чоколадо, но неколку минути откако го испив, запискав од болка, а од мојата лева рака, од веќе направената рана, протекоа црни капки крв на подот.
-Сега е чиста. -Рече еден меланхоличен глас додека јас се соземав од болката.
-Што се случи?
-Беше во несвест три часа. -Воздивна Даријан кој не ја пушташе мојата рака.
-Благодарам. -Реков и се обидов да станам, но се појави една светлина која ме крена нагоре. Ги погледнав сите збунето. Не разбирав.
Oткако светлината ме крена во воздух, почна да ме врти нагоре, а на мене се најде прекрасен син фустан кој ми паѓаше до колената. Сето тоа беше чудно, а уште почудно кога нешто на грбот почна да ме боцка. Една минута подоцна се појавија прекрасни сини крилја кои беа во повеќе перја. Имаше бели, виолетови и сини. од кои паѓаше ситен бел прав. Почнуваа од моите плеќи и завршуваа во воздухот. Всушност, тие требаше да ме држат горе кога исчезна светлината, а јас занесена во моето летање околу собата, покрај тоа што сите ги направив бели од мојот прав и пребрзото летање, заборавив дека не знам многу добро да летам и да држам контрола, па паднав надолу. За среќа, ме фати Даријан пред да треснам.
Кога ме спушти наземи, го гушнав со благодарност. Кога се тргнавме од прегратката, нашите очи се сретнаа, ако можам да кажам и вљубено се гледаа (од моја страна), сè додека не нè прекина оној глас.
-Се преобрази. -Се свртив кон гласот. Прекрасна беше. Нејзината руса коса беше фатена високо на главата, а долгиот црвен фустан $ стигнуваше скоро до подот. Имаше големи зелени очи и заводлива насмевка.
-Јас сум Мерлина. Мило ми е. Ако некогаш ти притреба некој лек или напивка, тука сум. Ги знам сите тревки во Виленија, а знам и каде ги има, па веднаш можам да приготвам што било. Исто така, доволно е да изустам само еден збор и тој ќе нанесе болка, да го погледнам непријателот и тој ќе остане неподвижен сè додека не го тргнам погледот од него. -Зборуваше како навиена.
-Мило ми е. Значи, го среди...-Се стресов од самата помисла на тоа.
-Да, мила. -Ми се насмевна.
Решив да сменам некоја поведра тема и се свртив кон Даријан. Но кога ги забележав крилјата на неговиот грб, кои дотогаш ги криеше наметката и кои беа во тон со неговите очи со боја на карамела, го заборавив моето прашање и само зачудено зјапав.
-Да, Бела. И јас сум виленик. И освен тоа што можам да гледам во иднината, можам и да скаменувам суштества со поглед.
-Значи, само јас сум обична меѓу вас. -Се натажив малку.
-Не за долго, мила. -Се обиде да ме насмевне Дара. -За неколку дена ќе ги добиеш и ти своите моќи.
Тоа не ме утеши бидејќи поминаа неколку дена, а јас си бев истата, освен што имав крилја на грбот и белег во вид на крилја на десното рамо, додека на левото имав нешто нејасно како две мали црти. Не знаев ни да летам добро. Можеби, сепак, не бев јас вистинската за оваа мисија.
Решив да се прошетам малку, но кога излегов, забележав дека ништо наоколу не беше исто. Беше мрачно и немаше никој, а беше и ладно, што не беше вообичаено. А потоа, малку подесно забележав дека она виолетово дрво сега изгледаше посветло и поживо од порано. Изгледа тоа беше ведрото нешто во целово ова место. Нешто не беше во ред.
Избегав од оваа глетка следејќи ја малата патека зад куќата на Даријан, поминувајќи низ густата шума. Размислував за сето она што се случи и за тоа време сум навлегла подлабоко во шумата. Седнав на едно паднато дрво за да се одморам малку, завиткувајќи ја белата наметка што ми ја даде Даријан, околу себе. Беше малку ладно. Одеднаш еден познат глас ги прекина моите мисли. Се свртив кон гласот. Тоа беше тој...
-Здраво. -Забележав дека сега очите му беа неверојатно сини и спокојни. Она жедното и мрачното го немаше, а ја немаше ни црвената боја. Кога не одговорив, тој продолжи.- Жал ми е за она што се случи, за тоа што ти го сторив. Навистина не сакав. -Седна до мене, а јас се свртив на другата страна.
-Болеше. -Му одговорив ладнокрвно. Само сакав да си замине оттука.
- Не сакав да ти сторам ништо лошо. Ти си последната личност која би сакал да ја повредам, верувај ми, те молам. -Ме фати за рака и го натера мојот лут поглед да се сретне со неговиот. Во главата ми навираа сите оние слики. Го погледнав во очите во кои за прв пат синееше искреност и добрина.
-Жал ми е, навистина. Не бев при себе. Но, сега сум. Ме освести Мерлина, а кога сфатив што сторив, решив да ти објаснам и да ти се извинам. Се надевам дека тоа што сум вампир и што се запознавме на таков начин нема да го загрози нашето пријателство, нели? Не знам како можев да го сторам тоа. Беше премногу ризично. Не ќе си простев ако ти се случеше нешто. -Го спушти погледот в земја.
-Во ред е. И онака помина. Даријан ми помогна. А и Мерлина. -Додадов набрзина. -А за тоа дека си вампир...Во ред е. Се навикнав веќе. -Се приближив кон него и го фатив за рака со цел да го утешам и да го орасположам. Беше ладен. Погледите ни се сретнаа и тој почна да го приближува своето лице до моето и ги допре своите ладни усни на моите. Во тој момент моето срце полуде, а сè во мојата глава се измеша.
Одеднаш неговите усни се одделија од мене, а тој летна и падна наземи. Кога се свртив, ме сретнаа загрижените погледи на Даријан и на Мерлина. Беа нервозни. Мерлина остро погледна кон вампирот кој почна да се витка од болка.
-Престани, немој! -Викајќи застанав пред него.
-Но Бела...-Мерлина го тргна лутиот поглед.
-Бела, тој повторно ќе те повреди. -Се загрижи Даријан. Во тој момент, сè стана чудно. На некој начин, можев да слушнам што мислат сите околу мене, но без да ги прашам, едноставно, да им ги прочитам мислите. Доволно беше да погледнам некого и неговите мисли ќе се нанижеа во мојата глава.
-Не, нема да ме повреди. -Се наведнав да му помогнам. -Крис се смени Даријан. -Сите тројца ме гледаа збунето.
-Од каде знаеше дека се викам така? -Ме погледна Крис. -Бела, твоите очи.
-Што $...? -Извика Даријан отакако го погледнав.
-Ништо не ми стори Даријан. -Го прекинав. -Смири се. И какви се моите очи? Најобични, со боја на костен. Какви што ми се секогаш.
-Црвени се Бела!-Извика Мерлина.
-Бела. -Рече Даријан вдишувајќи длабоко. -Можеш ли да чуеш што мислам во моментов? -Крис веќе сфати за што се работи. Имаше загрижено лице.
-Мислиш дека сум во голема опасност, дека ќе ме повреди. А Кристофер...-Се свртив кон него. -Тој е сменет, верувај ми. Ја знам и причината...Причината зошто беше таков. -Реков набрзина. Всушност, ја знаев причината зошто се сменил. Поради мене.
-А бидејќи очите ти се чудни и црвени...-Се замеша Мерлина.
-И бидејќи можеш да читаш мисли како Крис...Бела...Мислам дека ти си половина вампир. -Заклучи Даријан, не изгледајќи многу среќно. Погледнав инстинктивно кон моето лево рамо. Белегот стана јасен. Беа вампирски заби.
 Додека ги гледав сите зачудено, од нивните мисли дознав како сум стигнала дотука. Крис ме сакал мене за да ме убие. Тој ја пратил змијата. Негови беа црвените очи и школката. А Даријан зборувал за да го ублажи сето тоа. Крис направил да паднам кај водопадот.
Сакајќи да избегам од сево ова, се нурнав во височините на небото, напуштајќи го оној заштитен круг. Сè наоколу беше црно и изгорено. Се стабилизирав во воздухот и сфатив дека можам да го контролирам ова. Одеднаш нешто блесна зад мене. Беше оган. А излегуваше од устата на едно црно сениште. Огнот беше упатен кон мене. Се вдадовме во трка и двајцата. Се изненадив од пребрзиот начин на летање и времето за кое стигнував каде што сакав. Можеше да се каже дека се телепортирам. И ова беше вампирска моќ, за жал.
Само што помислив дека му избегав, нешто повторно блесна зад мене и моите крилја се заледија, а јас почнав да паѓам надолу. Овојпат тој фрли леден здив кон мене. Потоа изби уште еднаш оган кој беше наменет да ми наштети, но тој само го стопи мразот од моите крилја. Продолжив да летам, но не за долго. Нешто ме запре. Мислев дека е повторно мраз, но овојпат врз мене имаше канџи. Огромен орел со долги крилја ги држеше моите, кои изгледаа како во секој момент дека ќе се скинат. Додека се обидував да избегам, чув тресок над мене и јас бев слободна. Орелот се најде наземи борејќи се со Ралф.
Додека гледав како се бореа, превртувајќи се и заривајќи си ги канџите и забите еден во друг, нешто ме грабна и ме однесе во спротивен правец од борбата. Бев подготвена да вреснам кога ме смирија очите што ме пресретнаа.
-Смири се. -Се насмевна Даријан додека летавме кон неговиот дом.
-Тие се лошите, нели? И се од страната на твојот брат, Дорин?
-Сеништето е всушност лајкон. -Кимна со главата.- Мојот брат-близнак е виновен за ова. Со него завладеаја љубомората и зависта. На некој начин, јас бев тој што секогаш имаше повеќе среќа и кого сите повеќе го сакаа и го почитуваа. Тој стана злобен поради тоа. И сега сака да ја уништи цела Виленија.
-А има начин да се уништи магијата? -Го прекинав.
-Татко ми ја создаде Виленија. Кога ние се родивме, тој посади едно магично дрво во наша чест. Со неговите листови се лечи, запира и уништува сè. Дури и самата Виленија. Еднаш, додека бев таму, открив плоча близу дрвото на која пишуваше дека едно суштество од друг свет, поточно девојка, ќе ја запре таа магија. Се надеваме дека тоа си ти. -Слетавме на полјанката пред неговата куќа.
-Ќе сторам сè за да ви помогнам. -Тој се насмевна, а од неговите мисли и насмевката прочитав дека сака да ме бакне. Но некој друг го прекина во тоа.
-Знаеш дека не е дозволено тоа, Даријан. Таа љубов е невозможна. Не започнувај ја! -Се свртивме кон него. Тоа беше Крис. Тие се гледаа како да се смртни непријатели кои војуваат за да освојат нешто. Поточно, некого. Мене. Бев растргната меѓу нив. А не можев да одречам дека беа привлечни.
Следните неколку дена сите ме гледаа малку чудно и се тргаа од мене. Изгледа бев единствената којашто е половина вампир меѓу сите самовили. Можеби мислеа дека во секој момент ќе станам злобна...
 Еден ден заминавме кај дрвото за кое ми зборуваше Даријан. Дара и Ралф беа побрзи па затоа Даријан и Мерлина беа на нивните грбови, па така стигнавме побрзо. Ја најдовме плочата, а Даријан ни го преведе напишаното од некој древен јазик.
-И што треба да сторам јас? -Прашав.
-Овде има некоја празнина во која треба да се стави рака. -Ја фати мојата рака и ме поведе до местото. Јас ја приближив раката до длабнатината. Се совпаѓаше. Сите имавме насмевка на лицата. Дрвото почна да свети силно, а земјата се тресеше.
Во следниот момент нешто ме тргна оттаму, а кога се свртив, Даријан беше како стаклена фигура од мраз. Беше заледен и не можеше да се движи.
-По ѓаволите! -Извика Крис.
Повеќе не бевме сами. Тука беа лајконите и орлите. Беа многубројни. Имаше и суштества што наликуваа на луѓе, но беа поголеми. Имаа три или едно око, нозете им беа куси, а телото големо. Во рацете имаа парче дрво. Носеа парчиња облека префрлени на едното рамо.
-Тролови. -Рече Крис и ме разбуди од ужасноста кревајќи ме. -Бела, мораш да одиш со Мерлина. Ние ќе ги однесеме до полјанката за местово да биде слободно. Немаме многу време. -Во истиот момент, Мерлина ме повлече во воздухот.
-Но, Даријан...-Викнав по Крис.
-Ќе биде добро, само одете.
Додека сè уште ми беше на видик местото, можев да забележам како непријателите се зголемуваа, како и нашата страна. Имаше растрчани џуџиња, самовили, животни со крилја, еднорози, неколку фигури на лавови и леопарди. Но, од другата страна надојдоа огромни волци, лајкони, тролови и вештерки. Што ќе биде сега? Како ќе се извлечеме од ова? Злото нè стигна.
Во меѓувреме, јас и Мерлина стигнавме во куќата на Даријан.
-Каде ќе одиме сега?
-Во борба. -Мерлина дишеше забрзано. -Тој е тука и со преголема војска. Мораме да побрзаме. -Ме наоружи со стрели и лак. -Ќе ти требаат овие.
-Што ако промашам?
-Ние никогаш не промашуваме.
Се насмевна и ме поведе низ еден темен ходник кој беше преполн со книги, напивки и еликсири.
-Ова е твое? -Подзинав од зачуденост.
-На некој начин. -Пребаруваше нешто на полиците кога конечно ми даде неколку мали епрувети со течности во разни бои. -Црвената течност лечи секакви рани, сината е за повраќање на силата, а со жолтата можеш да пробиеш секаков материјал. Црната. Оваа е најважна. Неколку самовили ги дадоа своите животи за да ја направат напивкава и оваа е единствената. Со неа се запира времето за неколку минути. Внимавај како ќе ја искористиш. Од секоја напивка е потребна само една капка.
-Но зошто ми ги даваш мене?
-Ти ќе го направиш она што ти го кажа Даријан. Ќе ти треба секаква магија.
Во брзање, со наметката турнав неколку книги и напивки на Мерлина. Немавме време да ги средиме. Моравме да одиме. Глетката надвор не беше пријатна. На полјанката ечеа лелеци и звуците од мечовите на Крис и џуџињата. Имаше крв насекаде.
Додека одев кон дрвото, никој не ме забележа. Или барем јас така мислев. Пред дрвото имав непоканети гости. Лајкон и трол. Двајца против еден. Лајконот почна да исфрла оган кон мене. Додека го избегнував, се скрив зад едно дрво и се обидував да се сетам на што било за да ги победам. Можеби можев да ја употребам црната напивка. Но, таа ќе ги запреше на неколку минути, така можев само да избегам. Сепак, ја оставив за подоцна.
Моите мисли ги прекина распарчувањето на дрвото зад кое се криев. Готова бев. Чекав да ме распарчи тролот, но тоа не се случи. Тој само стоеше збунет и ме бараше, како да не сум пред него. Дали бев невидлива за него? И да бев, сега немаше време за испитување. Се сетив на стрелите на Мерлина. Извлеков две, ги наместив на лакот, вдишив длабоко и ги пуштив. Суштествата паднаа наземи.
Се стрчав кон дрвото и ја ставив раката повторно. Овојпат стеблото се отвори и од него излезе шишенце со светлосина течност, лебдејќи во воздухот.
-Измешај ги листовите од дрвото со ова, по правилен редослед и со сите други тревки. Ако згрешиш, цела Виленија ќе ја снема. Со среќа. -Еден длабок и мил глас ми прозборе од дрвото кое се врати во првобитната состојба. Пред мене беа листовите и шишенцето, но немав упатство. Мерлина знаеше со напивките, но јас сега бев сама. Беспомошна, седнав на земја и заплакав.
Одеднаш од џебот на мојата наметка падна една малечка книга на која пишуваше „Напивки“. Ова е тоа. Мора да ми се закачила за џебот додека брзав да излезам од кај Мерлина. Додека ја прелистував, забележав напивки за невидливост, замрзнување, запирање на времето, илузии, затемнување, уништување на тролови и вештерки, како и на самата Виленија. Со згрозување ја прескокнав таа страница, а на следната пишуваше:
Уништување на злото
Потребни состојки: Еликсирот на животот, неколку листови од Ариус (дрвото на Даријан), две гранчиња од Пиреа и една капка од мрачниот напиток кој го има самото...
Страницата тука завршуваше. Беше скината. Како ќе го средев сега ова?
-Самото зло. Ова ти треба, нели? -Рече еден глас кој доаѓаше од зад мене и наликуваше на тој на Даријан.
-Дари...-Се свртив со насмевка, но тоа не беше Даријан. Личеше малку на него, но наместо очи со боја на карамела, тој имаше црна наметка, мрачни очи и  исто толку мрачна насмевка. -Дорин. -Просскав низ заби.
-И мене ми е мило што се запознавме. Сега, дај ми ја книгата и да го завршиме ова брзо и безболно.
Ја стегнав книгата в раце и направив чекор наназад. Пробав да станам невидлива. Сигурно она со тролот не беше случајно. Ги затворив очите и успеав. Но и него го снема од мојот видик, се најде зад мене.
-Не биди наивна. И сама знаеш дека не можеш да се скриеш од мене. А не можеш ни да ја направиш напивката. А за да побегнеш, не си доволно брза.- Се оддалечив малку од него, станувајќи повторно видлива, а тој почна да мавта со листот што го имаше в раце. Додека ги читав неговите мисли, сфатив дека тој го контролирал Крис и го пратил за да ме убие. Почна да ме обзема нервоза, а тој само се смешкаше. Одеднаш нешто бело го кутна наземи и ме освести. Дара. Пред мене се појави и Ралф кој крвареше.
-Направи ја напивката Бела. Ние ќе го задржиме. -Рече задишано и ми подаде две гранчиња кои беа од Пиреата што ми требаше. -Црната напивка е кај него. -Посочи на Дорин. -Земи ја. Еликсирот е сината напивка што ја најде.
-Чекај. -Ги извадив црвената и сината напивка и му дадов неколку капки. Тој се насмевна со благодарност и $ се придружи на Дара.
Додека се бореа, јас ги ставив гранчињата и листовите во напивката која стана проѕирна. Ми фалеше уште црната течност на Дорин. Кога се свртив, Дара и Ралф беа наземи, а тој доаѓаше накај мене. Додека да сфатам што направив, времето беше запрено, а црната напивка ја немаше. Требаше да дејствувам брзо.
 На појасот на Дорин ја најдов течноста во мала епрувета, но не можев да ја отворам. Се сетив на жолтата напивка од Мерлина и со нејзина помош направив мала пукнатина. На листот што го зедов од раката на Дорин, пишуваше дека црната течност е последна. Требаше да се почека три минути. Ќе имам ли доволно време?
Откако ја завршив напивката, се загледав во Дорин. Имаше крв на лицето и гребаници кои го правеа позлобен. Не знам зошто, но неколку капки од црвената течност истурив на неговото лице. Сега изгледаше подобро. Времето на црната напивка истече и Дорин почна да се движи по малку. Набрзина го зедов еликсирот и го навалив кон него, но тој беше побрз. Ја фати мојата рака која ја стисна премногу силно. Одвај се воздржав да не писнам од болка.
-Ти благодарам за помошта. -Се насмевна злобно. -Но сега сум добро, така што нема да ни треба ова. -Посегна по шишенцето кое сакаше да го истури, но јас повторно ја навалив раката и врз него паднаа неколку капки.
-По ѓаволите. -Се налути и ме фрли најдалеку што можеше. Мојата глава се удри од едно дрво и јас не можев да продолжам да се борам. Колку и да се обидував да останам свесна и да видам што се случува, сепак изгубив свест.
Кога се разбудив, не знаев каде се наоѓам. Главата ме болеше, а зглобот на дланката не го чувстував. Нежниот поглед на Даријан ме смири малку. Се обидов да прозборам, но немав сила. Под мојот нос го почувствував топлиот мирис на супата што ми ја подаде Крис со насмевка. Се сетив на борбата. Борбата. Што се случило? Се свртив за да го прашам Даријан, но зад него беше Дорин. Преплашена скокнав на креветот. Даријан ја фати мојата рака.
-Смири се Бела, во ред е. -Можев да дознаам што се случило, но оставив да ми објасни тој. -Откако ти изгуби свест, се случија убави работи. Целото црнило се изгуби од Виленија, сега е повторно онаа старата. Темната половина од дрвото се врати во живот, а потоа ме одмрзнаа и мене.
-А што се случи со сите тие суштества и со него? -Посочив на Дорин кој изгледаше сосема нормално сега.
-Изгледа дека сепак твоите капки дејствуваа врз мене. -Се насмевна Дорин со истата заводлива насмевка која ја имаше и брат му.
-Неколку минути потоа, црна прав излезе од Дорин, а сите вештерки всушност беа сите оние исчезнати самовили кои сега се повторно исти, а троловите се повторно старите добри џуџиња. -Се насмевна Даријан.
-А лајконите? "-Даријан ги крена рамениците.
-Тие беа обични сеништа, духови. Исчезнаа. -Ми олесни кога го чув тоа.
-Значи Виленија е во ред?
-Да, благодарение на тебе. Не знам како ќе ти се оддолжиме за ова.
-Нема потреба. -Се насмевнав.
-Патем, мило ми е што твојата нова моќ не е повторно вампирска. –Се насмевна Крис. Кимнав со главата. Ме успиваше лекот што ми го даде.
-Извини за раката и силниот удар. -Го чув искрениот глас на Дорин. Кимнав со главата. Усните на Даријан се допреа до моето чело, а неговата рака се заплетка во мојата кадрава коса.
Утредента се разбудив со мислата дека ќе се сретнам со заводливите очи на Даријан. Но, него го немаше. Покрај мене беше мајка ми која држеше чај во рацете и...Чекај, мајка ми?!?!?
-Даријан. -Се поткренав барајќи го низ собата. -Каде е Даријан?
-Смири се мила. -Таа ме легна повторно в кревет. -Сонуваше. Беше болна синоќа. -Сум сонувала? Тоа беше сон? Даријан, Виленија, Крис... Беа само сон?
-Испиј го ова. Ќе ти биде подобро. Ќе можеш ли да поседиш малку сама, да отидам до маркетот и да купам малку овошје? Онакво какво што сакаш ти? -Се насмевна.
-Да, да. Секако. -Немав волја да $ ја возвратам насмевката.
Кога таа излезе од собата, погледнав кон календарот. Беше поминала само една ноќ од случката на плажата. Изгледа навистина било само сон. Ја немаше школката до мене.
Ѕвончето заѕвони. Кога отворив, ја видов Ана. Беше заминала на одмор пред еден месец. Најверојатно се вратила.
-Здраво Бела. -Ме гушна и ми подаде некои колачиња. -Овие ги направи мајка ми, се надевам дека ќе ти се допаднат.
-И како си поминавте? -Ја прашав откако отидовме во мојата соба.
-Па, супер беше. Иако малку ми недостигаше ти. Но сепак, со брат ми не беше досадно. Јадевме по цел ден сладолед, се сончавме, се бркавме по плажата, собиравме разни школки и...-Таа се загледа во некој предмет кој стоеше на полицата над мојата глава. -Ваква никаде не најдовме. Од каде ти е? -Таа посегна по една бела школка. Бела школка реков, зарем не?
-Ја најдов на плажата. -Искра надеж ме облеа. Можеби не беше сон. Можеби имаше начин да се вратам повторно. Преку школката.
-Убава е. -Рече, а потоа ме погледна мене. -Не си фатила многу боја додека ме немаше. А што е со овие? Претходно ги немаше. -Таа покажа кон моите раменици. Кога погледнав кон што покажува, забележав дека ги видела двата белега на моите раменици. Едниот беа крилја, а другиот вампирски заби. Белезите беа, нели? Сигурно нема преку ноќ да ми се појават тие.
-Најверојатно не си ги забележала.
-Да. -Се насмевна.
Отакако таа замина, јас почнав да ја разгледувам школката и чекав повторно да се најдам на полјанката, заедно со Даријан. Или Крис. Но ништо. Кога станав да ја оставам школката на масата, отфрлајќи ја и последната надеж, забележав нешто бело на масата. До него имаше и писмо. Го отворив.

Бела
Ова не беше само сон. Времето во Виленија е поразлично од тоа кај вас, затоа мислеше дека сонуваш. Додека престојуваше тука, времето таму на некој начин беше запрено. И не обидувај се да дојдеш повторно преку школката. Нема да успееш. Можеби нема да се видиме повторно, но запомни, секогаш ќе сме со тебе. И да, мислевме дека ќе сакаш да ги имаш овие кај тебе.
 Даријан
Не знаев дали требаше да се радувам на фактот дека тоа не беше сон, или да плачам бидејќи нема да ги видам повеќе, ниту да се вратам во Виленија. Го зедов белото купче од масата. Тоа беше мојата наметка. А под неа синиот фустан. Ги облеков и се погледнав во огледалото. Изгледав како вистинска самовила. Во ред, полусамовила-полувампирка. Мислам дека ниедна од моите другарки не беше нешто слично. Тие беа обични, а јас бев поинаква. За прв пат и се чувствував како таква. Требаше ли ова да го споделам со некого? Дали ќе ми поверува некој? Најверојатно само ќе ја пофалеа мојата бујна фантазија.
Ѕвончето ги прекина моите мисли. Изгледа беше уште некоја моја другарка. Потрчав кон вратата, заборавајќи на мојата облека. Кога отворив, забележав сина силуета пред мене. Секаде би ги познала тие руси перчиња коса кои ѕиркаа од под наметката.
-Даријан! -Извикав и му се фрлив во прегратка, а тој нежно ги припи своите усни врз моите.

                                                                                                          Ментор:
                                                                                               Љупка Мишевска
                                                                                     професор по македонски јазик