четвртак, 25. април 2019.

ЗАПИШУВАЊЕ ПРВАЧИЊА


Приредба за децата од градинката од н. Драчево и нивните родители



Во нашето училиште на 23.04.2019 год. (вторник)  беше реализирана приредба за децата од градинката од н. Драчево и нивните родители. Реализатори на приредбата беа ученици од петтите одделенија и ученици од III - б одд.  Приредбата започна  во 17,30ч.  и траеше 40 минути. На приредбата со краток говор зеде учество и директорката на нашето училиште – Љубица Наумовска. Присуствуваа поголем број родители и деца.             
На крајот од приредбата на секое идно прваче му беше дадена брошурка од нашето училиште со мала боенка. Родителите и идните првачиња имаа можност да го разгледаат училиштето. Со честитки за среќен упис во прво одделение беа поздравени нашите идни првачиња.
                      Одговорен наставник: Мира  Јовеска


Заедничка активност со партнер училиште ООУ „Алија Авдовиќ“ с. Батинци



Во текот на месец април 2019 година со учениците и наставниците од партнер училиштето се реализираше долготрајната активност насловена како „Храната и уметноста“. Во активноста беа вклучени ученици од прво и второ одделение и ги реализираа следните работилници: „Боите на здравата храна“, „Храната - здрава уметност создава“ и „Храната и уметноста“.
Целта на активноста беше меѓусебно дружење и учениците да ги продлабочат своите компетенции кои се потребни за живот во интегрирано мултиетничко општество во духот на меѓусебно разбирање, мир, почитување на другите, прифаќање на различностите и право на еднаквост на сите.
                                                Координатор на проектот: Весна Рафеска


уторак, 23. април 2019.

22 Април - Денот на планетата Земја



По повод  22 Април - Денот на планетата Земја, во нашето училиште се одржа предавање на тема: ,,Штетното влијание на линданот врз човекот и животната средина“.
Предавачи беа членовите на МЕД - Македонско еколошко друштво кои на многу интересен начин, со подготвена презентација, ги запознаа учениците со:
-Каде го има линданот? - Во кругот на фабриката Охис
-Што претставува линданот? - Хемиско органско соединение што го нема во природата, а се добива по индустриски пат при хемиски процеси за добивање препарати против штетници и болести.
-Какви ефекти има линданот врз човекот? - Линданот може да навлезе во човекот преку воздухот, преку загадена вода и храна и преку директен контакт со кожата. Линданот има докажани токсични и канцерогени ефекти.
-Каков ефект има линданот врз животната средина? - Линданот е бела прашкаста материја што се карактеризира со висока токсичност за организмите. Тој лесно испарува доколку не е соодветно складиран, лесно продира во почвата, навлегува во живите организми, а преку синџирот на исхрана  стигнува и до човекот.
-Што се презема во врска со линданот? - Оваа година  ќе почне постапка за финално отстранување на линданот.
На крај предавачите организираа работилница во која учениците преку групна работа го искажаа наученото и го сватија штетното влијание на линданот.

                                                         Одд. наставник: Мануела Маркоска



 На 22. 04. 2019 год. во четвртите одделенија од нашето училиште, со низа активности беше одбележан Светскиот ден на планетата Земја. Учениците под раководство на своите одделенски наставници, учествуваа во изработка на заедничко пано, во кое преку пораки од учениците се апелираше за грижа и чување на нашата планета како дом на сите нас.
Во продолжение, во кабинетот по информатика, учениците со своите наставници го проследија научно-документарниот филм ,,Големата тајна на Водата“. Со многу позитивни впечатоци, преку дискусија ја откривме и пораката на филмот.
На крајот од нашите активности, со заеднички спортски фудбалски натпревар, сите ученици со кренати рачиња импровизирано ја кренаа планетата Земја и сите се согласија дека немаме резервна планета и истата треба да ја чуваме.
    Наставници - реализатори: Горица Станковска IV-а, Татјана Трпеска  IV- б и Виолета Николин  IV-в


понедељак, 22. април 2019.

Настава во природа со учениците од петто одделение



  Во периодот од 14.04.2019 до 18.04.2019 година според Планот и програмата за учениците од петто одделение беше реализирана настава во природа во детското одморалиште„Михајлово“-Кавадарци. Програмата беше одобрена и реализирана преку туристичката агенција „Сара-травел“-Скопје. Според програмата беа реализирани повеќе посети на: археолошко наоѓалиште „Стоби“, спомен куќата на Страшо Пинџур во с. Ваташа, споменикот на стреланите младинци во с. Ваташа и посета на караулата на планината Кожуф.
Учениците беа сместени во одморалиштето, со организирана исхрана, секојдневно организирани активности од страна на нивните одделенски раководители: Весна Милановска, Мануела Марковска, Билјана Христовска и Даниела Костадинова и со постојана придружба на доктор кој истовремено беше и водач кој одлично го познаваше теренот околу одморалиштето. Низ едукација, другарување, рекреација, прошетки, спортување, со примена и користење на современите педагошки форми се систематизираа знаењата на учениците и нивната практична примена како и стекнување нови знаења преку набљудение, опити што во училишни услови тешко може да се реализираат. Вечерните активности на учениците им беа многу забавни: „пижама парти“, избор „Покажи што знаеш“, најлуда фризура, најдобар глас и најуспешна маска. Посебно интересно им беше вечера покрај логорски оган.
 Попатно реализиравме: посета на фабриката „Кожувчанка“ во с.Мрежичко и посета на винаријата  „Тиквеш“ во Кавадарци. Поради лошите временски услови не бевме во можност да го посетиме и градот Кавадарци.
Со импресии од доживувањата, со  нови пријателства, нови спомени, среќни и задоволни учениците се вратија во училиштето и беа пречекани од родителите според планираното време.

                                      Одговорен наставник: Даниела Костадинова