петак, 11. март 2011.

На 26 март 2011г. - настан кој не смеетве да го пропуштите!!!

 
Еве неколку сцени од оваа извонредна претстава која говори за животната приказна на композиторот Лудвиг ван Бетовен:

















среда, 02. март 2011.

од многуте извонредни состави кои учествуваа на нашиот литературен конкурс, еве еден кој особено се истакна

Мојата насмевка е заради...

Сиве овие искази се мислите кои ја напуштаат мојата работна маса за да ја следат иднината што ќе им ја наменам.
Недовршени нацрти за иднината и решени равенки со проценти во моја полза.
Животот е постојана борба,замките се зад секој агол,потребна е цврста воља и силна желба за уште еден чекор пред нас.
Но,во животот постои стравот,како што секоја бајка го има својот натпратник.Стравот не ни дозволува да ја живееме реалноста,не ни дозволува да стигнеме до последната скала,ниту да се втурнеме во друга станица ако на едната заминало она што сме го очекувале.
Понекогаш изгледа страшно,изгледа тешко,сомнежите не јадат одвнатре,двоумењето ни ги затвора очите и не прави слепи и затворени за светот.
Зарем би сакале да го дочекаме утрото без насмевка,брзајќи да ја одбереме новата маска која ќе не опишува денес?
Зарем би сакале уште еднаш да затрепериме на утринското студенило без топла рака до нас?
Зарем би сакале да се плашиме од сенката која сами ја создадовме?
Во секоја наредна секунда која часовникот ја отчукува и ја одбројуваме и самите ние,секоја наредна секунда преостаната од нашиот живот ни докажува дека животот е само црно-бела боенка,темно небо спремно за невреме,неиспишани страници,скриени зборови зад најдлабоките тајни…
А зошто сите заедно не го промениме овој свет?
Зошто се плашиме да ги истакнеме задскриените убавини од нашите соништа?
Зошто се плашиме да се погледнеме себеси и да разбереме всушност кои сме,да го покажеме вистинскиот лик,добрината во сите нас?
Не треба да ги криеме нештата кои еднаш не турнале надолу,впрочем треба да им бидеме благодарни.Да им посветиме насмевка и да го стигнеме нивниот пребрз чекор.
Замоли ги мислите да се вратат неколку чекори назад,не за да останат туку да ги поминат повторно среќните моменти од животот.
Се сеќаваш ли на првата насмевка која му ја посвети на своето училиште?
Кога за прв пат зачекори низ ладниот под кој беше наменет за твоја иднина?Се сеќаваш ли на првите ладнокрвни солзи кои паднаа по врелиот образ,тука каде што си сега?
Се сеќаваш ли кога чекореше низ ходниците кои се чинеа бескрајни и им се восхитуваше на убавините на секој ѕид,толку непознат?
Кога гледаше низ прозорецот замаглен како солзи од плач,пајажина низ која се гледа се помалку и помалку.
Замаглен прозорец од дождовните капки кои се лееја во твоите први училишни денови,во почетоците на се што си сега...
Сето тоа избледна,се скри зад зборовите кои сега неможеме да ги пронајдеме,зборовите кои ќе го победат злото.
А зошто сами стоиме,молчиме,а сепак бесчуствително зборуваме за нашиот живот каков што и впрочем е?За миг застануваме,ја отвараме вратата кон сите овие нешта и виновно и набрзина ја затвараме.
Го гасиме огнот и остануваме сами во мракот на ноќта.Се прашуваме,зошто вратата не ја оставивме отворена...
Само молкот ја извикува вистината...
Се каеме,се надеваме на следна шанса,а нашите мисли живеат за само една насмевка.
И ние ја бараме својата среќа,својата насмевка во тајните одаи,додека знаеме дека бараме на погрешно место.
Имаме ли желба да ја обоиме животната боенка со боите од реалноста?
Очекуваме на небото да се истакне сонцето скриено зад високите планини,очекуваме полни страници со нови спомени,нови соништа по кои ќе мечтаеме како дете по мајчиниот лик.
Имаме ли желба да ги пронајдеме скриените зборови талкајќи низ темните простории,веќе застарени?
Ја чуствуваме болката во секое парче емоција,додека ги гледаме книгите кои стојат на полицата догогодишно со затемнета прашина од црните мисли,кои не научија како се живее,луѓето кои не однесоа по некој одреден пат,иако тргнавме по друг,совршен за нас.
Останавме со насмевка,а дали сме се запрашале дали ја заслуживме таа насмевка?
Некои од нас да,а останатите осаменоста ги учи на нови непознати нешта,нови стравови,беспомошни идеи и оставаат траги со секоја своја бескорисна мисла.Остануваат долго да учат за животот.
Пушти ја насмевката,остави ја да си оди од твоето лице.
Ако ја оставиш засекогаш кај тебе,никогаш нема да разбереш што таа значи,никогаш нема да ја разбереш нејзината реална слика.
Остави ја,нека си оди...
Таа секогаш ќе се врати кај тебе немајќи каде да оди,туѓа за секое друго лице.
Насмевката се појавува како пророк во очите на непознатите патници насекаде по светот.
А потоа секогаш се враќа онаму каде што припаѓа.
Остави ги умот и срцето да ја чекаат,вреди да ја поминеш и цела вечност како оној непознат глас кој ја толкува длабочината на непознатите сништа.
Чекај ја,поминувајќи низ тесните простории кои ќе болат како никогаш досега,чекај ја плачејќи по изгубените нешта,тропнувајќи на вратата за да видиш дали некој сеуште постои и го насочува показалецот кон тебе.Чекај ја,затоа што разумот,вечниот ум умее да чека.Понекогаш додека другите беснеат,тој треба да се притаи,да моли.Но неговото време ќе дојде,тоа неизбежно секогаш доаѓа.
Стојам пред светот,еднаква сум со ветерот.
Скриена зад приказните на мојот живот го чекам своето време.
На крајот се ќе биде лесно и едноставно,долго минувани патишта кои ги знаеш напамет.Се ќе биде лесно со искрена насмевка на твојот лик.
Мојата насмевка е за зборовите,а зборовите ја имаат моќта да се борат против злото.

                                                              Ања Кузмановска VIIб

 

Еве ги и наградените творби во подрачното училиште во н. Пинтија:


Мојата насмевка е заради...

Мојата насмевка е заради утрото !
Штом се разбудам и сончев зрак ме гали.

Мојата насмевка е заради мама и тато!
Штом нивниот збор ,моите дела ги фали.

Мојата насмевка е заради вас сите ,
што бескрајно и радосно ми ги разубавивте  дните!

Освоена прва награда
Изработила:  Миа Гигова   Vѓ   н.Пинтија
Ментор :Даниела Костадинова




Мила насмевка

Мила насмевка
За училишен  труд и работа !
Една крива линија
во разни бои
што  сите се мои.

Мојата  насмевка  драга
е за  сите дечиња
фатени за рачиња !

Освоена втора наград
Изработил: Филип  Димитриевски IVг  н.Пинтија
Ментор : Кети Сталеска



Насмевка

Насмевката е пролет
во маглив зимски ден .
Насмевката е лек
кога си многу болен .

Насмевката е клуч
кој многу врати отвара.

Насмевката неможе да се
позајми  , ни украде .

Но, може од срце да се даде !

Освоена трета награда
Ангела    -III г  н. Пинтиja
Ментор : Кристина Никчевска


Мојата насмевка е заради...

Многу нешта среќна ме чинат,
благ насмев од мене крадат,
сите сложно
кулата на среќа вешто ја градат.

Мојата насмевка
неколку нешта ја мамат,
слогата, добрината, 
но и смешно е кога луѓето драмат.

Некои луѓе
лесно да ме насмеат знаат,
доволна е една сочна шега
и насмевките долго траат.

Не дозволувам неприметно
среќата покрај мене да мине
и покрај сè
не дозволувам насмевката да згине.

Не мора тоа да биде големо нешто,
за другите не, но за мене важно,
се смеам често,
никогаш не се чувствувам тажно.

 Izrabotila:
 Teodora \orgieva VIIг одд.




„МОЈАТА НАСМЕВКА Е ЗАРАДИ...“

Наутро кога сонцето
по образот ме гали, или пак
кога по прозорецот
се тркалаат дождовни капки мали.

Кога денот светлината
ја носи и кога,
ветрот ги мрси
моите коси.

Кога се шири мирис
на полски цвет,
тогаш го сакам
целиот свет.

Кога месечко ќе заплови
во моите сништа,
и ќе ме однесе во
непознати волшебни краишта.

Кога ќе ја видам
насмевката твоја
токму заради неа
е насмевката моја.

 Стефанија  Цветковска   
 VIа  одделение

од литературниот конкурс по повод патрониот празник



Мали нешта за голема насмевка 
Утро. Се раѓа нов ден. Нови причини за нови насмевки. Нови мигови исполнети со малите нешта кои нè прават посреќни и измамуваат насмевка на нашите лица.

          Утро. Она небесно синило облеано во утринското руменило тропа на мојот прозорец нечујно. Сончевите медово-златни зраци продираат низ завесата од зелени ливчиња, стигнувајќи до мене. Започнува нов ден. Го отварам прозорецот и оставам палавото ветре да ја разбушави мојата коса и сонцето да ја осветли мојата соба. Наеднаш погледот ми залутува кон сликите наредени на полицата над мојот кревет. Спомени врежани во мојата глава и овековечени во рамките. Ја земам првата слика и ја стегам во прегратка. Моите очи се затвараат а моите мисли ме навраќаат назад во минатото со првиот чекор кон бујната природа која ме маѓепсува. Меката трева ме скокотка на босите нозе додека тивко газам по неа. Едно пурпурно јоргованче го опојува воздухот срамежливо нишкајќи се и мамејкќи ги пчелите кон него. Топлото сонце, ветрот кој палаво ми ја бушави косата и меката трева ја расонија мојата насмевка. Ја стегам слика уште посилно. Погледот ми залутува на огромното парче сино платно над мене, ишарано со бели точки во сите форми, кои, чиниш ти се смешкаат. Ваква  насмевката што ми ја измами пролетта. Мојот поглед паѓа надолу. Една мелодија допира до мене од внатрешноста на блиската шума и ме понесува навнатре. Брзиот нескротлив поток бурно плиска врз карпите рушејќи ја тишината. На највисоката гранка од стариот даб, мал песнопоец ја развеселува шумата. Мојата насмевка е повторно примамена но сеуште не е целосна.

Ги отварам очите. Во мојата прегратка се наоѓа втората слика. Моите мисли повторно ме навраќаат наназад. Колку се движам подлабоко во шумата, толку станува потивко и пообоено. Зеленилото е одамна изгубено а пред мене првите есенски бои ги зафатиле дрвјата. Секое ливче се разликува од она до него. Внатрешноста на секое ливче е темнозелена која во најразлични нијанси преминува до нежнoзелена, се додека не ја замени жолтата која блеска на сонцето. Краевите на ливчињата се прелеваат од портокалови до црвени и бордo. На некои места и тревата е ишарана во боите од листовите. Топлите есенски бои ги предизвикуваат моите усни повторно да се извијат во насмевка.

Овојпат на следната слика не сум сама. Моите очи повторно се затворени а мојата глава ја извишува пред мене сликата. Под едно дрво забележувам силуета врз која паѓаат сончевите зраци и се одбиваат од костенливата коса. Одеднаш мојата занесеност ја прекинува неговиот топол поглед кој поаѓа кон мене. Неопислива топлина струи низ мене, а моето срце забегува од наредениот ритам додека се нурнувам во неговата прегратка која го додржува моето растреперено од љубов тело. Моето лице е повторно исполнето со насмевка. Овојпат заради него. Малите цвекиња од под мојот прозорец се смеат заедно со мене додека гледам во небесносините очи од сликата кои ме прават среќна и спокојна. Насмевката на љубовта.

На следниот врежан спомен сините очи и шарената шума се губат, а на нивно место доаѓа познатиот мирис на кафето испиено во друштво на најблиските пријатели на сеуште топлата плажа под мирното отворено небо. Музиката од брановите на морето се мешаат со тоновите од гитарата во мојата глава,  додека разгорениот оган на летото се смее со мене. Небото сега ги добива оние сјај и шаренило. Се капе во последните сончеви зраци со црвена, жолта и портокалова боја, а целото е пурпурно.

Прекрасна белина од ова пурпурно небо ги затвора повторно моите очи и ме носи под нежните мали снегулки кои паѓаат врз мојата коса и се закчуваат на моите трепки. Снегот е означен со стапалки. На едно место, шест раце тркалаат големи топки кои добиваат форма на снешко. Малку подалеку од нив две заљубени срца прават ангелчиња во снегот. До мене лежи личноста која ја сакам, пријателите кои ми го исполнуваат денот се на неколку чекори од мене.  Конечно сфаќам дека мојата насмевка е целосна.

Бура од спомени кои ја пробудија мојата насмевка. Нов ден. Нови спомени ќе се врежат овојпат. Нов ден. Секој посебен за себе. Пролет, лето, есен, зима. Сепак, слични по едно. Сите го имаат  рецептот што е потребен за мојата насмевка. А главните состојки се: љубов, пријатели, мелодија, снежно или утринско небо, раззеленети дрвја или побелена полјанка. Мали нешта за голема насмевка.

                                                                                        Марија Ралповска 

                                                                                                 VIIIа одд.