понедељак, 15. октобар 2018.

Детската недела

Во периодот од  8.10 -12.10.2018  година во нашето училиште се одбележа Детската недела под мотото „ Детски права за иднина здрава “,  со низа активности од прво до петто одделение:
  -Работилница – Сакам да растам здраво,па затоа имам право...–  изработка на апликации рачиња со своите права;
-“Дрво на убавите зборови-пишување на убави зборови на ,,срциња,,


-Детски права за иднина здрава-ликовно и литературно творење


На 12.10.2018 година учениците од прво одделение станаа членови на Детската организација. За таа цел беше организирана и свечена приредба од страна на учениците од  IIIa  и  IVa   одделение и  прочитана заклетвата.
Одговорни наставници: Елизабета Младеновска и Горица Станковска


ЗА СЕКОЕ ДЕТСКО ПРАВО - ПО ЕДНО ГОЛЕМО БРАВО!
Учениците од  прво до петто одделение, од подрачното училиште во населбата Пинтија под водство на нивните наставнички, ја одбележаа Неделата на детето, и со тоа се вклучија во празничната, културна и едукативна прослава за Прием на првачињата во Детска организација.

Кога се празнува, со песна и игра се другарува! Пишувавме пораки за среќа, љубов, топлина и грижа за сите деца во светот, креативно се изразувавме со бои, цртежи, рецитации, танцувавме, пеевме, се радувавме, празнувавме. Највозбудени беа првачиња, кои со радост во очите и насмевки на лицата, го дадоа свеченото ВЕТУВАЊЕ пред сите нас дека ќе бидат вредни, умни, послушни и искрени и дека  сите ќе се почитуваат и сакаат. Наставничките имаа причина да бидат задоволни и исполнети од креативната енергија, а одговорната наставничка Трајкоска Сузана беше инспирирана за следните ученички активности.


Училишна заедница


Во почетокот на учебната 2018/2019 година во рамките на секоја паралелка на демократски начин се избираат претседател и заменик претседател во паралката. Учениците избрани во паралелките се членови на Училишната заедница. Членовите на Училишната заедница на својот прв состанок на најдемоктатски начин и според јасни критериуми ги избраа членовите на Претседателството на Училишната заедница:
II-V одд. Претседател Андреј Стојановиќ и заменик претседател Каја Ристевска
VI-IX одд. Претседател Тајла Беровиќ и Заменик претседател Алек Јовановски
Подрачно училиште Пинтија Претседател  Јордан Петровски 9-г и заменик претседателИва Ивановска 8-г

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ ЗА РАБОТА НА УЧИЛИШНАТА ЗАЕДНИЦА:
-да се поттикнува и развива кај учениците смисла за иницијатива, согледување, поставување и решавање на заедничките проблеми во својата средина;
-да придонесува за развивање и негување на другарски однос меѓу учениците;
-да се потикнуваат учениците да го чуваат угледот на училиштето, да го одржуваат редот и дисциплината во него, почитување на куќниот ред на училиштето;
-да се развива свест за постојана соработка со наставниот кадар во училиштето;
-да придонесува во организирањето и спроведувањето на културно-забавни и рекреативно-спортски активности;
-поттикнување, организирање и реализирање на активности од хуман карактер.


Одговорни: Весна Рафеска, Адријана Кукоска и Валентина Јанкоска


петак, 05. октобар 2018.

5 Октомври - Светски ден на учителот




       Денешниот ден, 5-ти октомври е прогласен  за Меѓународен ден на учителите. Интернационалата за образование, која претставува 29 милиони образовни работници во 166 земји, од 1966 година го празнува Светскиот ден на учителот.
Да се биде учител, наставник, воспитувач, професор е најблагородната, најубавата но и воедно многу одговорна професија која подразбира посветување и одрекување. Посветување не само кон младата личност туку и кон секој оној кому му се потребни знаења, вештини, секому кај кој постои желба, мотивација и интерес да влезе во светот на новите сознанија. Одрекување од своето време, времето за себе и најблиските за да се посвети на иднината, на децата и учениците.
Мисијата на учителот е одговорна работа која бара континуирана надградба на знаења и вештини за излегување во пресрет на различните потреби на младите генерации кои успешно ќе се носат со животот.
Учителот, во процесот на своето работење вложува голем труд во отворање на нови хоризонти на знаења и мудрости кај учениците. Во секојденвната интеракција со нив тој ги споделува успесите и неуспесите од секојдневието, ги поучува, насочува, охрабрува и ги подготвува за животот.
– Вистинскиот учител знае децата да ги обликува во луѓе на кои останува светот. Знае да ги подготви за она време кое допрва доаѓа, иако тоа за него значи соочување со нови, лични предизвици, кои ги носи современото општество - напредокот на технологијата, совладувањето на тековните реформи во образовниот систем, изменетите интереси на денешните ученици.
„Вистинскиот учител е секогаш подготвен да учи, да се соочува со динамичната комплексност што е и клучот за создавање граѓани кои можат да управуваат со нивните животи, секогаш подготвен да се поврзе со другите околу него во постојано менување на светот ... Ние нема да имаме општество, без професијата учител, професија која подразбира учители кои поучуваат и кои учат“.
Има ли поблагородна професија во кое било општество од просветителството? Од оваа професија се раѓаат сите други професии. Љубовта кон знаењето што учителот им ја пренесува на учениците е клучна за патот на знаењето што не знае за граници. 
За професијата учител (наставник, професор, воспитувач) напишани се и искажани се безброј убави зборови и мисли. Ова се само мал дел од нив:
„Сѐ што ќе научите станува ваше богатство, богатство што не може да ви биде одземено, без разлика дали ќе учите во зградата наречена училиште или ќе учите од животниот учител. Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство.“
„Убавата страна на учењето е тоа што никој не може да ви го одземе.“ 
„Образованието ја негува самодовербата. Самодовербата ја негува надежта. Надежта го негува мирот.“
„Образованието не претставува подготовка за животот. Самото образование е животот.“ 
„Знаењето не е да се знае знаење, туку знаењето е да се даде знаење“
„Најдобрите учители се воедно и најсложените учители: тие од учениците бараат размислување“ 
На просветните работници им посакуваме, успешно справување со сите предизвици во процесот на воспитно-образовната  работа и истрајување на патот во создавање на генерации кои ќе се залагаат за добра состојба на сите.


Нека Ви е честит големиот празник драги наши наставници!


По овој повод литературната секција распиша литературен конкурс на тема „Твориме и пееме во ваша чест“. На литературниот конкурс учествуваа ученици од  III до  IX одд. Учениците имаа можност да творат на свој мајчин јазик и да се претстават со своја поетска или прозна творба. Најдобрите творби беа интерпретирани на литературното читање кое се реализираше во просториите на училишната библиотека. Од напишаните творби учениците во чест на своите наставници изработија збирка од напишаните творби.

                                                                             Одговорен наставник: Мишевска Љуба







Светскиот ден на учителот, исто така беше одбележан и во Подрачното училиште во населба Пинтија со пригоден реферат и литературно читање на лични творби посветени на наставниците. Со свои творби пред другарчињата од второ, трето и четврто одделение се претставија ученици од V-г одделение под менторство на наставникот: Даниела Костадинова.