четвртак, 06. јун 2019.

Научно-истражувачка посета на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје



            На 5.6.2019 година учениците од IV-в одд беа во посета на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Посетата ја организираше родителот Наташа Ангелевска, како дипломиран инженер на истиот факултет.
       Прво формиравме група ученици кои покажаа интерес за следење на активностите кои се одвиваат во соодветните лаборатории на факултетот, а потоа со поддршка на родителите го организиравме и превозот до факултетот.
       Во факултетот бевме пречекани од Продеканот за настава - Проф. д-р Игор Јорданов, кој не запозна со функцијата и задачите на деканатот, а потоа нè упати во посета на неколку лаборатории во факултетот.  Најпрво ја посетивме лабораторијата за неоргански материјали каде што Проф. д-р Бошко Бошковски не запозна со начинот на одвојување на металот од рудите и целата постапка на дробење, измивање, сепарирање  и мелење на рудите, до фазата на добивање на смеса за изработка на тули или керамиди.
     Потоа се упативме кон лабораторијата за груба и фина керамика и дизајн на производи, каде Проф. д-р Војо Јованов, преку своите студенти не запозна со постапката за изработка на керамички производи од отпаден градежен (ѕидарски) материјал, односно подготовката на мешавина од различни материјали: глина, цемент и стакло, во правилен сооднос, сè до фазата на боење и печење на готовиот производ.
      На крај ја посетивме лабораторијата за хемија на текстил, каде учениците  со употреба на микроскоп се запознаа со природни влакна (памук и волна) и вештачки влакна (полиестер и вештачка свила). Тука Проф. д-р Емилија Тошиќ исцрпно нè запозна зо разликите меѓу природниот и вештачкиот текстил, начините на боење и впивање на бојата, влијанието  на базата и киселината врз текстилот и сл. Професорката направи и експеримент преку кој ни покажа како мравската киселина целосно го раствора полиестерот, а кај памукот и волната прави минимални промени, без при тоа да ги раствори.
       Преполни со пријатни доживувања и нови искуства и знаења, нè испрати прекрасниот професорски тим. Ние презадоволни ги напуштивме факултетските простории, среќни што добивме покана за повторна средба во која ќе бидеме директно вклучени во вежбите и активностите со студентите.
                                                                                                       Одговорен наставник:
                                                                                                           Виолета Николин


Нема коментара:

Постави коментар