петак, 26. септембар 2025.

Одбележување на Европски ден на јазиците

На ден 26.9.2025 беше одбележан Европски ден на јазиците со учениците од 4а и 4в одделение под мотото "Секој јазик е нов свет кој треба да се открие-зборувај, сподели, разбери-јазиците се богатство!".

Учениците зборуваа за важноста на различните јазици во Европа и во светот, почитувањето на културните разлики и уживаа во откривање на нови зборови. 

На хамери пишуваа пораки за важноста на јазикот, цртаа знамиња од држави во Европа, пишуваа зборови  на неколку европски јазици (англиски, француски, германски, италијански, шпански), споредуваа и откриваа сличности меѓу јазиците.

Одговорни наставници:

Магдалена Бадарова

Анета Макревска



четвртак, 25. септембар 2025.

Извештај за одржана посета на Македонска опера и балет


На ден 24.09.2025 со учениците од третите одделенија од централното и подрачното училиште беше изведена посета на Македонска опера и балет ја проследија детската интерактивна музичка претстава ,, ОПЕРАТА НА ШУМСКИТЕ ЖИВОТНИ ,, , претстава која има за цел да ја запознае/едуцира најмладата публика со оперската уметност.
Сценариото на оваа музичко – сценска претстава има за цел да ја запознае, едуцира најмладата публика примарно со поимите во однос на оперската уметност, а воедно и со композитори, оперски пеачи, солисти, режисер, хор и сценарист.
Музичкиот дел е исполнет со адаптирани популарни арии од оперите: Кармен, Палјачи, Аида, Травијата, Рита и многу други арии и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото.

Одговорен наставник : Маја Атанасовска Спасеска




Обука ,,Примена и креирање на видео-содржини за наставни цели''

На 24.09.2025 во Кинотека на РСМ се одржа обука за наставниот кадар ,,Примена и креирање на видеосодржини за наставни цели'', на која присуствуваа стручните соработници, дефектолог Адријана Кукоска, психолог Бранка Бранковиќ, наставници Билјана Илиева, Ленче Танушевска и Маја Младенова.

 Учесниците на обуката се запознаа со следните теми:

- ,,Технички елементи на продукција на едукативно видео''

- ,,Дигитализација на наставата, искуства, предности и позитивни страни''

- ,,Етапи на развој на проектот''. 

Дефектолог м-р Адријана Кукоска

Психолог Бранка Бранковиќ




петак, 19. септембар 2025.

Посета во зоолошка градина

 

    На ден 19.9.2025 год. учениците од II - а, II - б и II - в ја посетија зоолошката градина во СУГС „Браќа Миладиновци"-н. Драчево. Учениците ги проширија стекнатите знаења за животните и нивните живеалишта. Од страна на учениците кои учат во тоа училиште им беше презентирано како ги хранат, со што ги хранат и како се грижат за нив.

Актив второ одделение





четвртак, 18. септембар 2025.

Извештај за посета на Археолошки музеј на Македонија



Во согласнот со наставните програми по предметите Историја и Истражување на родниот крај за 9а, 9б, 9в и 9г беше планирана и на ден 17.IX.2025 остварена едукативна посета на Археолошкиот музеј на Македонија.


Одговорен наставник : Димитар Чоковски




уторак, 9. септембар 2025.

Oбележување на Денот на независноста – 8 Септември

На 5 септември, нашиот училишен двор беше исполнет со радост и свеченост. Учениците, заедно со своите наставници и директорката, со гордост ги истакнаа државните знамиња и со свечен чин го одбележаа Денот на независноста на нашата татковина Македонија – 8 Септември.

Со детски насмевки, песна и љубов кон својата земја, тие го испратија пораката дека иднината е во нивните раце. Настанот беше исполнет со емоции, патриотски дух и потсетување дека независноста е најголемата вредност која ја чуваме и пренесуваме на новите генерации.

Нашето училиште и оваа година покажа дека го негува чувството на припадност и љубов кон татковината, а учениците ја почувствуваа гордоста што се дел од една голема и важна приказна – историјата на Македонија.



субота, 6. септембар 2025.

Извештај од учество во работилница„Обој го грнето“ и посета на Комплекс „Македонско Село“

На ден 05.09.2025год. учениците од 4д одд. од нашето училиште заедно со нивниот одд. раководител беа во посета на Комплесксот Македонско село  се со цел Одбележување на роденденот на нашата татковина -8 Септември. Учениците најпрво беа во посета на црквата Св.Пантелејмон -Горно Нерези каде што беа пречекани од отец Пантелејмон кој им одржа предавање за црквата. Потоа се упативме кон комплексот каде што  го посетивме Музејот со стари работи и носии, потоа нашето доживување го продолживме во ресторанот со традиционална храна каде учениците јадеа традиционална пита и кисело млеко и на крај се упативме кон занаетчиската продавница „Еснаф“ каде бевме пречекани од родителката кој несебично се вложи и ја реализираше работилницата „Обој го грнето“ во боите на татковината. Влеговме и во внатрешниот дел на продавницата и како прави еснафи изучувавме како се ткае на разбој,но при тоа видовме и многу изработки  кои се создадени рачно од вредните раце на занаетчиите. Прекрасно искуство и доживување за сите нас бидејќи се навраќаш на корените,на минатото и за миг стануваш дел од нивното секојдневие.  Полни со импресии од автентичната архитектура, традицијата, чистиот воздух и традиционалната храна создадовме спој на една убава приказна која вреди за почит. Благодарност до родителот кој ни овозможи учество во работилницата и не запозна со ткаењето како занает!

Одговорен наставник: Елена Стојановска


                                                                     


среда, 3. септембар 2025.

Oбука на тема ,, Потребни компетенции на наставниците и стручните соработници со звање ментор во училиштата“

На 2 септември 2025 година, стручните соработници – психолог Бранка Бранковиќ и дефектолог м-р Адријана Кукоска од нашето училиште, учествуваа на обуката  на тема ,,Потребни компетенции на наставниците и стручните соработници со звање ментор во училиштата“организирана од Хајделберг Факултет. 

Оваа обука беше посветена на стекнување и унапредување на знаења и вештини потребни за извршување на улогата ментор – стручен соработник, функција која подразбира менторирање и поддршка на другите стручни соработници во училиштата.

Преку предавања, дискусии и практични активности, учесниците се запознаа со современи концепти за професионален развој, начини за унапредување на меѓусебната соработка и механизми за создавање поддржувачка средина за учениците, наставниците и стручните тимови.

Со стекнатите компетенции, дефектологот и психологот од нашето училиште ќе можат да ја пренесуваат својата експертиза и искуство, со што се обезбедува континуирано професионално усовршување и поголем квалитет во воспитно-образовниот процес.


психолог Бранка Бранковиќ

дефектолог м-р Адријана Кукоска




понедељак, 1. септембар 2025.

Свечен прием на првачињата во нашето училиште

Денес е еден од најубавите денови во нашето училиште - ден кога ги пречекуваме нашите најмлади ученици, првачињата! 

Со нови надежи и голема радост, започна новата учебна година во нашето училиште ООУ „Рајко Жинзифов“. Дворот повторно оживеа од детска врева, насмевки и прегратки по летниот распуст. Највозбудени беа најмалите – првачињата. Со голема љубопитност во очите, тие по прв пат влегоа во училниците. Таму ги пречекаа нивните наставници со топли зборови и охрабрување, ветувајќи им дека секој ден ќе биде нова авантура исполнета со знаење и пријателство.
Во свечената програма директорката им посака на сите ученици успешна и среќна учебна година, истакнувајќи дека знаењето е светлина што ќе им го осветлува патот, а другарството и соработката го прават учењето полесно и поубаво.
Први септември не е само датум на календарот – тоа е симбол на нови почетоци, нови предизвици и нови соништа. Секое дете што влегува во училишните клупи носи со себе надеж, љубопитност и можност да создаде иднина полна со успеси.
Со голема радост и оптимизам, сите заедно го започнуваме овој нов пат – учебната 2025/2026 година.
СРЕЌЕН ПОЧЕТОК ПРВАЧИЊА!!!