понедељак, 3. април 2017.

2 Април - Светски ден на детската книга

    2 април се празнува како светски ден на детската книга (International Children Book Day) за да ја испирира љубовта кон читањето и да го сврти вниманието кон детските книги во чест на роденденот на холандскиот автор на детски книги Ханс Кристијан Андерсен чија волшебност на неговите приказни достигнува до нас и по два века.
    Секоја година различна земја е домаќин на ова празнување која одлучува за темата и ги кани авторите од истата земја да напишат порака до децата од целиот свет, каде патем се ангажираат и илустратори на постер-дизајни од истата земја. Бројните пораки во еден дизајн остануваат валидни во текот на целата година сè додека не се избере нова земја - домаќин на овој настан.


    Кај нас настанот го одбележуваат издавачките куќи како „Вермилион“ и други, а истиот со пригодни активности се одбележува и во основните училишта.
      Во 1958 година УНЕСКО формира Меѓународен Златен медал по името на Андерсен, нарекуван уште и Мала Нобелова награда. Еднаш на две години оваа награда ја добиваат најдобрите писатели и сликари-илустратори на детски книги. Наградувани се Астрид Линдгрен, Селма Лагерлеф, Туве Јансон, Луис Керол и други.
   Во секоја земја во светот, од дамнешните времиња постоеле митови, приказни и легенди кои се предавале од колено на колено низ вековите, споделувајќи ја нивната идеја за креацијата, поврзувајќи се со историјата, споделувајќи го културното богатство, фрлајќи искри на љубопитност и овозможувајќи насмевки на лицата. За жал во многу земји во минатото, а и во денешно време, малкумина имале пристап до книгите. Но, со развојот на печатарството и издаваштвото, како и со развојот на општествата и нивното сфаќање на значењето на книгата како извор на знаење, мудрост и како средство за зачувување од заборавот на сопственото културно богатство, низ историјата па до денешно време овозможен им е пристапот до книгата на речиси сите, а најмногу на децата.
     Денес приказните допираат до секој возрасен и до секое дете исполнувајќи ја својата улога за креирање како на општеството, така и на семејствата, создавјќи индивидуи кои што имаат поголеми шанси да си ја најдат среќата.
Децата од одамна негувале интерес кон квалитетните наслови - со водство на „Малиот принц“, од „Гуливеровите патувања“, „Робинзон Крусо“, „Хаклбери Фин“, преку „Мери Попинс“ или „Алиса во земјата на чудата“, па сè до поблиското минато на „Хобитот“, „Господарот на прстените“, „Хрониките на Нарнија“, „Хари Потер“ и многу други.
   Светски и историски најпознатиот научник Алберт Ајнштајн за книгите и децата рекол: „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им приказни. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им уште повеќе приказни“.

ХАНС КРИСТИЈАН АНДЕРСЕН
      Ханс Кристијан Андерсен е роден на 2 април 1805 година во Оденсе - Данска. Потекнувал од сиромашно семејство кое не можело да му овозможи редовно школување. Татко му му читал на малечкиот Ханс комедии, разни приказни, а најмногу необични бајки. Детето живеело со радост во светот на бајките, но за жал кркорењето во празниот стомак го потсетувало на постоењето на реалниот свет. Една стара и добродушна учителка го научила детето убаво да чита и пишува. По смртта на неговиот татко, сиромашниот живот, поткрепен само од мајчините скромни приходи, го натерал Ханс да се обидува и самиот да составува мали комедии, рецитации и песни кои потоа им ги претставувал на другите деца во својот малечок куклен театар. Сиромаштијата и тешкиот никогаш не го натерале да ја загуби волјата за подобар живот и ниту во еден момент не ја загубил храброста и вербата во себе.
    Неговото прво дело објавено е во 1829 година и не поминало добро кај пошироката јавност, но му овозможило многу познанства и пат до Велика Британија каде му бил гостин на Чарлс Дикенс. Неговото следно дело - романот „Импровизатор“ е одлично прифатено. По неговото објавување се вивнува во светот на уметноста и станува добредојден во друштвото на многу уметници, поети и членови на благородништвото со што дури тогаш неговиот живот почнал да му наликува на неговите бајки.
    Тој е еден од најголемите писатели на бајки. Ги проширувал, развивал народни мотиви во нив, но и создавал вистински дела. Неговите приказни се читливи, разбирливи и лесно се занесуваат во нивната содржина, као децата, така и возрасните. Тој комуницирал со децата и создавал толку впечатливи дела затоа што пишувајќи и самиот тој размислувал како дете. Такви се неговите приказни „Царевото ново руво“, „Оловниот војник“, „Малечката сирена“ и други. Умрел на 4. август 1875 година.

Познати цитати од Х.К.Андерсен:
-„Сè што ќе погледнеш, може да стане бајка, а сè до што ќе се допреш - да стане историја“.
-„Да му бидеш од корист на светот е единствениот начин да бидеш среќен“.
-„Целиот свет е серија на чуда. Само ние толку сме навикнати на нив, што ги нарекуваме обични нешта“.
-„Животот ми е најдобра илустрација на сите мои дела“.                                                         Изработил: Никола Станковиќ   (училишен библиотекар)


Нема коментара:

Постави коментар