уторак, 23. новембар 2021.

Народна банка на Република Северна Македонија и учениците

          На  19.11.2021 година се одржа линковско поврзување на платформата Тимс со Народна банка на Република Северна Македонија и учениците од IIIб -  одделенски раководител Мануела Маркоска и IVа - одделенски раководител Маја Атанасовска Спасеска. Презентација ја водеше м-р Кристина Павлеска Помошник на гувернерот за финансиска едукација. Учениците беа активно вклучени во презентирањето од страна на стручното лице кое го водеше настанот, поставувајќи прашања и покажаа голема заинтересираност. Со тоа се збогати знаењето за парите кои учениците ќе го применат во математиката во темата монети и банкноти.

    Теми опфатени во презентацијата беа:

1. Каде се наоѓа Народната банка и што претставува?

2. Што се пари и зошто се користат?

3. Какви пари постојат?

4. Од кога се воведени македонските денари?

5. Каде и како се прават македонските денари?

6. Дали можеме да направиме денари колку што сакаме?

7. Кои се обележјата на нашите пари?

8. Зошто треба да се штеди?

9. Дали во Народната банка може да се штеди?

10. Која е разликата помеѓу Народната банка и комерцијалните банки?

 

Одговорни наставници: Маја Атанасовска Спасеска, Мануела Маркоска






уторак, 16. новембар 2021.

16 Ноември - Денот на толеранција

 

   На 16.11.2021г. по повод Денот на толеранција  беше одржана работилница  на тема „Колку сме толерантни?“ со учениците од  IV одделение. Реализатори на  работилницата се училишниот педагог и психолог. Оваа работилница имаше за цел да ги научи учениците за значењето на толеранцијата во секојдневниот живот, градење на взаемна доверба, меѓусебно почитување и прифаќање на различностите. Работилницата се одржа во рамките на еден училишен час, каде сите ученици активно учествуваа со својата комуникативност и креативност.

Психолог БранкаБ. Стојковиќ




Отворен ден по граѓанско образование на тема: „ И јас сум дете, и јас имам прааво – деца без државјанство, деца фантоми


Денес на 16 ноември 2021 г, со почеток во 12 часот беше одржан третиот по ред Отворен ден по граѓанско образование, овој пат во просториите на нашето училиште ООУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево. Тема за оваа година беа децата „фантоми“ или „невидливите“ деца како уште се нарекуваат во општеството. Децата кои немаат матичен број, ни државјанство и формално не постојат во нашата држава.

За овој настан инспирација беше случајот со потресната  приказна на матурантот Тони Сали, дете „фантом“ кое прерано го изгуби својот живот и кој не дочека да биде запишан во матичната книга на родени.

На оваа тема говореа учениците од IX одделение, Марија Костадиновска, Теона Арсовска и Леа Петрушевска. Настанот го збогати нашиот гостин, Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници, која се вклучи on-line преку платформата ZOOM и се обрати со кратко предавање и со можност учениците да поставуваат прашања поврзани со темата..

Во подготовката на настанот покрај учениците од IX оддeление, под раководство на наставничката по граѓанско образование, Валентина Јанкоска, поддршка дадоа и педагогот Весна Рафеска, психологот Бранка Стојковиќ, како и директорот на училиштето, Љубица Наумовска.








Воннаставна активност:

Изработка на пано - Цели за одржлив развој

 

          На 11 ноември 2021г. во паралелката 2-а беше реализирана воннаставна активност со учениците: ,,Развиваме свест за пошироката заедница и планетата Земја“. Целта на оваа активност беше кај учениците да се доловат Целите за одржлив развој на еден поедноставен начин сè со цел учениците да разберат дека е важно да се почитува нашата планета Земја и да се стремиме ние како наставници да влијаеме во тоа. Со учениците се разговараше за тоа дека во светот постојат неправди од различен вид  и за истото направивме и некои пораки како на пример  „Свет без глад“, „Да нема поделби“. Истите тие пораки беа ставени на нашето пано и истакнати во холот на нашето училиште. Учениците на крајот ги збогатија своите знаења и истите ги проширија со нови.

                       Одделенски раководител: Татјана Трпеска












Воннаставна активност:

 Учиме за почва

 

          На 09 ноември 2021г. во 2-а одд. беше реализирана интересна активност за учениците. Тие практично, преку експеримент, осознаа за составот односно профилот на почвата.  Активноста имаше неколку фази на подготовка и реализација. Со големо задоволство тие сами секој посебно во надворешни услови го реализираа овој проект од Еко Логик – граѓанско здружение, кое се занимава со заштита на животната средина, како и со следење и промоција на целите за одржлив развој на пошироко ниво. Сите активности се адаптирани на возрасните групи за кои тие се наменети. Така и оваа беше соодветно испланирана и реализирана исто така. Учениците со големо задоволство ги реализираат ваквите воннаставни содржини а тоа нам како наставници, ни дава за право истите да ги реализираме во целост, како планираните така и оние кои се случуваат тековно во даден период. До следното видување ви праќаме некои од фотографиите од реализирањето на оваа активност.

                           Наставник реализатор: Татјана Трпеска





петак, 5. новембар 2021.

Работилица „Скршено срце“

Во текот на првото полугодие од учебната 2021/2022 година  училишниот педагог и психолог во сите петти одделенија  реализираа  интерактивна работиница „Скршеното срце“. Во работилниците  беа вклучени и одделенските раководители.

Цели на рботилницата:

-Да се развива емпатија кај учениците;

-Да им се јакне самодовербата;

-Да се согледа значењето на упатување на позитивни пораки.

Учениците активно учествуваа во работилницата, а на крајот преку рефлексија од работата на работилницата се извлекоа корисни поуки кои треба да ги применуваат во секојдневниот живот.

                                         Стручни соработници








уторак, 26. октобар 2021.

„Помислете и нас нас“- недела за борба против гладта

Во текот на изминатите две недели беше реализирана хуманитарна акција во нашето училиште, по повод неделата на гладта (16.10 - 22.10).

Во соработка со Црвениот крст, централното и подрачното училиште се организираа и од 12.10.2021 (вторник), отпочнаа со акцијата за собирање на парични средства, прехрамбени и хигиенски производи. За таа цел во централното и во подрачното училиште беа поставени штандови, кои беа означени како места на кои може да се остава донираната храна и хигиенски производи. Паричните средства се собираа во специјално означени и запечатени кутии.

Акцијата помина многу успешно, беа вклучени голем број ученици кои донираа и учествуваа во собирањето на прехрамбени и хигиенски производи. Дел од собраните прехрамбени и хигиенски производи, беа донирани на ученик од седмо одделение од подрачното училиште. Останатиот дел од собраните парични средства и производи беше даден во Црвениот Крст, каде што потоа се подели на семејствата кои се од ранлива категорија.

Одговорни лица за овој проект беа Сандра Трпчевска Мирческа и Билјана Милутиноска.

Акцијата помина во најдобар ред, одговорните лица беа особено задоволни од одзивот, од собраните продукти и средства.





понедељак, 18. октобар 2021.

МЕСЕЦ НА КНИГАТА

 


        Оваа учебна година Месецот на книгата беше одбележан со пригоден печатен материјал на тема „Македонски писатели за деца“.

       За таа цел изготвениот материја од едукативен, информативен и забавен карактер им беше поделен на наставниците по македонски јазик и воедно беше поставен на интернет на училишниот google drive:

https://drive.google.com/drive/folders/1pOjlluMu3G2xJgQMOzWUkIpcGdGxu_Q8

      Од истиот материјал беше изработено и пригодно пано кое беше поставено во училишниот хол.



среда, 13. октобар 2021.

УЧЕНИЧКИ ПАРЛАМЕНТ

 

Што е Училишниот парламент???

Училишниот парламент е тело кое ги претставува учениците и ја обезбедува врската меѓу учениците и возрасните во училиштето. Претседателството на УП е извршен орган кој ги носи одлуките во име на учениците и учествува во носење одлуки што се однесуваат на квалитетот во училиштето и негово организирање

 

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ ЗА РАБОТА НА УЧЕНИЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ:

-да се поттикнува и развива кај учениците смисла за иницијатива, согледување, поставување и решавање на заедничките проблеми во својата средина;

-да придонесува за развивање и негување на другарски однос меѓу учениците;

-да се потикнуваат учениците да го чуваат угледот на училиштето, да го одржуваат редот и дисциплината во него, почитување на куќниот ред на училиштето;

-да се развива свест за постојана соработка со наставниот кадар во училиштето;

-да придонесува во организирањето и спроведувањето на културно - забавни и рекреативно - спортски активности;

-поттикнување, организирање и реализирање на активности од хуман карактер, еколошки активности и општествено корисна работа.

 

На самиот почеток на учебната 2021/2022 година во рамките на секоја паралелка на демократски начин се избираат претседател и заменик претседател во паралката. Учениците избрани во паралелките од I - IX одделение се членови на Ученичкиот парламент. Членовите на Ученичкиот парламент на првоит состанок  беа повикани од директорот на училиштето Љубица Наумовска. На состанокот беа прецизирани  Критериумите за избор на Претседателство на УП како и членови во Училишниот одбор. Изборот на претседателството ќе се реализира преку тајно гласање.

 

Согласно критериумите кои треба да ги поседува претседателот се номинираа следните ученици: Андреа Трајковска, Бојан Стојановски, Ема Тарчуговска, Петар Патниковски, Јасмина Лазаревиќ и Јован Танев сите ученици од девето одделение. Гласањето се спроведе тајно и по пребројувањето на гласовите за претседател е избрана Ема Тарчуговска од 9-б одд., а за нејзин заменик Бојан Стојановски од 9-а одд. За Запишничар на состаноците е избрана Андреа Трајковска од 9-а одд.. Избраните ученици искажаа задоволство од искажаната доверба, но воедно ветија дека максимално ќе се вложат за подобрување на квалитетот во училиштето и неговото организирање.

- Изборот за ученици - претставници за Училишниот одбор, исто така беше таен и од предложените ученици: Андреа Трајковска,  Јасмина Лазаревиќ и Петар Патниковски, најмогу гласови добија Андреа Трајковска 9-а и Петар Патниковски 9-б одд. Претставниците  за Училишен одбор како највисок орган на училиштето имаат право да земат збор и да го изразат своето мислење и став, да дискутираат  за проблемите и да предлагаат решенија во насока на подобрување на севкупниот живот во училиштето.

 

Што е Училишниот правобранител???

Училишниот правобранител е ученичка функција и должност која претставува нов модел на ученичко учество кој е од особено значење за заштита на детските права во училиштето. Функцијата на училишниот правобранител ќе биде застапена од две примарни компоненети: Промовирање на детските права и Подршка за заштита на детските права.

           Бидејќи на досегашниот правобранител му истече мандатот од две години во училиштето беше објавен повик за избот на ученички правобранител и заменик правобранител. Ученичкиот правобранител ќе биде ученик кој ќе се грижи за промоција, заштита и почитување на правата на децата. Право на пријавување имаа учениците од 7 до 9 одделение. Потоа следеше претставување на кандидатите сгласно критериумите за избор. Откако се претставија сите осум кандидати, се премина на тајно гласање. Со најмогу гласови за училишен правобранител е избрана ученичката Анастасија Јанушева од 8-в одделение, а нејзини заменици се учениците Ема Павловска 8-в и Мартин Апостоловски 8-а одделение. По изборот избраните ученици потпишаа Изјава дека ќе ја вршат функцијата училишен правобранител и заменик правобранител во согласност со предвидените обврски во постојана комуникација со ученичкиот парламент, педагошко-психолошката служба и другите раководни функции во училиштето.

                                                                           Педагог: Весна Рафеска



уторак, 12. октобар 2021.

Детската недела

 


Оваа  недела почнувајќи од 4. до 8. октомври, во нашето училиште се реализираа повеќе проектни активности во рамките на одделенска настава во сите паралелки од прво до петто одделение, како во централното така и во подрачното училиште во н. Пинтија. Сите беа во прилог на одбележувањето на Детската недела под мотото ,,ЈАС ИЗБИРАМ ЗДРАВЈЕ, А ТИ? “.

Учениците насочени од своите наставници зедоа активно учество и успешно ја реализираа предвидената програма и во насока на  истата и изработија многу интересни прилози кои  се истакнати во холот на нашето училиште.

Оваа година, заради запазување на протоколите за заштита од Ковид 19, официјална приредба по повод приемот на првачињата во Детската организација во централното училиште немаше. Учениците од сите три паралелки дадоа свечена заклетва во рамките на својата паралелка и добија изработена брошурка, со што првачињата и официјално влегоа во Детската организација при нашето училиште „Рајко Жинзифов“.

Приемот на првачињата во Детската организација во подрачното училиште во населба Пинтија се одвиваше со мала приредба и со запазување на дадените протоколи поради ковид мерките. 

           Одговорни наставници: Светлана Жежовска и Ирена Ѓоршевска                                                                                        





уторак, 5. октобар 2021.

5 ОКТОМВРИ - СВЕТСКИ ДЕН НА УЧИТЕЛОТ

 



5-ти Октомври-   Светски ден на учителите  

-Добриот наставник е како свеќа - се троши себеси за да им го осветли патот на другите.

- Врховната уметност на наставникот е да ја разбуди радоста во креативното изразување и знаење.

- Потребно е големо срце за да се помогне во обликувањето на малите умови.

 -Во наставата не можете да го видите плодот на дневната работа. Тој е невидлив и останува таков можеби дваесет години.

- Наставниците можат да го променат животот на учениците со правилна мешавина од креда и предизвици.

                    - Оние што добро ги едуцираат децата треба да бидат почестени повеќе од родителите, затоа што  тие им даваат

                        живот, а наставниците ја даваат уметноста на доброто живеење. 

     Почитувани колеги, наставнички, учителки, професори, професорки...

 Вие кои секојдневно несебично едуцирате и давате знаење, трпеливо воспитувате, искрено мотивирате, им го отворате прозорецот на најмладите  во нов и поубав свет, преземате огромна одговорност за секој ученик поединечно, подготвено одговарате на сите стари, но и на новите сложени предизвици со кои се соочувате, посветено и темелно работите занемарувајќи ги сите несовршености на опкружувањето...

     Сите вие останете горди и непоколебливи, затоа што вашата професија иако е една од најодговорните и најтешките, таа облагородува   и оплеменува. Вие заслужувате секогаш да бидете на врвот од сите височини!

НЕКА Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ДЕНОТ НА УЧИТЕЛОТ!

Одговорни наставнички/одделенска наставаСузана Трајкоска,Ивана Илијевска Огњановска   



Учениците од 6 до 9 одделение од основното и подрачното училиште го одбележаа 5 Октомври - ден посветен на учителот, наставникот и професорот. Активностите на учениците се состоеја од пишување на лични творби, изработување на паноа и нивно презентирање како и литературно читање на дел од творбите. Учениците исто така подготвија реферат за овој голем светски ден кој беше интерпретиран преку училишната разгласна станица. Од личните творби на сите ученици - учесници ќе биде изработена збирка. Учениците работеа под менторство на наставниците по македонски јазик: Мишевска Љуба, Коларовска Каролина и Елена Ристевска





Збирката можете да ја видите/симнете во училишниот google drive на:

https://drive.google.com/drive/folders/1fo81pHFdt5g-cUmYPJ8bJKfb24fs8eXL

уторак, 28. септембар 2021.

Европски ден на јазиците 2021

 

Нашето училиште секоја година традиционално го одбележува Европскиот ден на јазиците. Оваа година одбележувањето беше на 24.09.2021 (петок). Учениците читаа реферат на македонски, англиски и француски јазик, а воедно се реализираа работилници за запознавање на убавините на европските градови на англиски и француски јазик како во централното така и во подрачното училиште.

Одговорни наставници за овој настан беа наставниците по англиски: Магдалена Бадарова, Анета Макревска, Александра Колевска, Филип Петровски, Маја Димеска, наставниците по француски јазик: Анета Ѓуровска-Арсовска и Тина Пуфкова и одделенски наставник: Маја Атанасовска-Спасеска.

За доловување на атмосферата за време на работилниците, следат неколку фотографии во продолжение.