среда, 24. јун 2026.

Професионална ориентација на учениците

 

Процесот на професионална ориентација во нашето училиште се спроведува согласно Програмата за професионална ориентација во текот на учебната година и трае скоро цела учебна година. Во овој процес опфатени се учениците од девето и осмо одделение. Во процесот на професионална ориентација вклучени се училишниот психолог и педагог, раководители на пралелките од девето и осмо одделение, а по потреба се вклучуваат и предметни наставници,  како и специјалален едукатор и  рехабилитатор. 
Во првата фаза, училишниот психолог ги запознава учениците со процесот на професионална ориентација и со помош на прашалници и разговори ги идентификува силни и слаби страни на учениците. Во втората фаза, училишниот психолог задава прашалници во врска со проценка на афинитети, склоности, интереси и способности на учениците, како и други анкети.  Раководители на паралелките од осмо и девето одделение реализираат работилници поврзани со различни теми за професионална ориентација, сѐ со цел да се олесни овој процес и добијат релевантни информации кои ќе допринесат да се донесе правилна одлука во врска со изборот на средното училиште. Во третата фаза, чилишниот педагог реализира презентации на теми поврзани со професионална ориентација, со цел учениците да ги добијат потребните информации за достапни средни училишта.. 
На крајот на самиот процес училишниот психолог врз основа на горепосочените активности и резултати од истите, дава препорака на учениците (од девето одделение) за упис во средни училишта.

психолог Бранка Бранковиќ 
педагог Весна Рафеска


ПРОЕКТ „ХУМАНА КОМУНИИКАЦИЈА“

 Во текот на второто полугодие во учебната 2025/2026 во периодот февруари–јуни 2026 година во централното училиште ООУ „Рајко Жинзифов“ реализиран е проектот „Хумана комуникација кај младите: аспекти, фактори и креативни начини на нејзино спречување“.

 Проектот го спроведува примарно истражувачки тим од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје. 

Раководител на научноистражувачкиот проект е проф. д-р Елеонора Серафимовска, а проектот е финансиран од Министерството за образование и наука. Во училиштата, активностите ги реализираа психолозите вработени во конкретните училишта. Во нашето училиште ООУ „Рајко Жинзифов“ проектните активности ги реализираше училишниот психолог Бранка Бранковиќ.

Основната цел на проектот е теоретско моделирање и практично тестирање на концептот на емпатична и општествено одговорна комуникација, како предуслов за квалитетни меѓучовечки односи, социјална кохезија, ментално здравје и општа благосостојба. Овој проект тежнее да придонесе и кон развој на инклузивни, партиципативни, одржливи и креативни научни практики, преку активно вклучување на младите во истражувачкиот процес – од дизајнирање на инструментите до анализа на податоците.


Во рамките на проектот успешно беа реализирани следните активности:


Училишниот психолог Бранка Бранковиќ посети обука за психолози, составена од 10 онлајн работилници и практична работа со ученици во времетраење од 60–75 минути. Обуките за училишните психолози ги реализираа проф. д-р Елеонора Серафимовска и проф. д-р Маријана Мирковиќ, психолози од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје.


Спроведени се две работилници и четири обуки со дел од учениците од VII одделение, во времетраење од по 60 минути. Работилниците и обуките за учениците во нашето училиште ги реализираше училишниот психолог Бранка Бранковиќ.

Реализирано е истражување во кое од нашето училиште учествуваа 24 ученици од шесто до девето одделение со кое придонесовме за проширување на научното сознание во однос на хуманата комуникација – нејзините компоненти, факторите што влијаат врз нејзиното развивање, како и можностите за нејзина примена и унапредување – кај младите и практично да го тестираме концептот на емпатична, општествено одговорна и креативна комуникација. 

Учениците активно учествуваа во работилниците и обуките, покажаа интерес за обработените теми и успешно ги реализираа предвидените активности. Преку проектот се поттикна развојот на хумана комуникација, емпатија, толеранција, меѓусебно почитување и ненасилно решавање на конфликти. Како потврда за успешното учество учениците кои активно учествуваа во работилници и обуки се здобија со сертификати за учество. На училиштето му беше доделена благодарница, која беше врачена на директорката Татјана Трпеска, како признание за поддршката и значајниот придонес за проектните активности.

Како дел од проектните активности, експертите од Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања (ИСППИ) реализираа фокус – групни дискусии со наставниците и родителите, со цел прибирање дополнителни сознанија и искуства во рамките на истражувањето. Наставниците од ООУ „Рајко Жинзифов“ кои учествуваа во фокус – групни дискусии се: Магдалена Бадарова, Маја Младенова и Стефан Трајчевски, а родителите кои учествуваа во фокус – група за родители се: Марија Стојкоска, Градимир Илиевски и Мирјана Трифунова.

психолог Бранка Бранковиќ





ПРОЕКТ „УНАПРЕДУВАЊЕ НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ“

 Во текот на учебната 2025/2026 година стручните соработници училишниот педагог Весна Рафеска, дефектолог Адријана Кукоска и психолог Бранка Бранковиќ во рамките на проектот „Унапредување на ментралното здравје“ реализираа работилници на следните теми: „Цветот на пријателство“, „Другарство“, „Толеренација“, „Моите Чуваства- „Надминување на мојот страв“, „Скршено срце“, „Сите сме дел од едно цело“, „Убавините на различностите“, „Инклузија“, „Инклузивен јазик“, „Сите сме дел од едно цело“, „Нешто друго“,  „Јоно Око и Хаи“, „Што ми пречи? Кој ми пречи?“, „Моите негативни чувства“, „Ретки болести“, „Моето семејство“, „Кој сум јас?“ Каков сакам да бидам?“, „Сите заедно се дружиме“, „Пишуваме покана“, „Сите сме различни, но сите сме еднакви“, „Стилови на родителство“, „Емпатија“ и „Научи како да учиш“.

Проектот „Унапредување на менталното здравје“ има за цел да ја подигне свесноста за важноста на психолошката благосостојба кај учениците и да создаде поддржувачка, безбедна и поттикнувачка училишна средина.

Преку едукативни активности, работилници и индивидуални разговори, проектот овозможува рано препознавање на потешкотиите, развивање здрави стратегии за справување и јакнење на емоционалната резилиентност.

Главната цел е учениците да се чувствуваат слушнати, разбрани и охрабрени, како и да стекнат практични вештини за регулирање на емоции, градење самодоверба и подобрување на меѓучовечки односи.

психолог Бранка Бранковиќ

дефектолог Адријана Кукоска

педагог Весна Рафеска



ПРОЕКТ „УЧИЛИШТЕ БЕЗ НАСИЛСТВО“

 Во текот на учебната 2025/2026 година стручните соработници училишниот педагог Весна Рафеска, психолог Бранка Бранковиќ и дефектолог Адријана Кукоска реализираа работилници на теми поврзани со врсничко насилство: „Предизвикувачко однесување “, „Нашето однесување зборува за нас“,„Справување со конфликти“, „Цветот на пријателство“, „Учениците во насилни ситуации“, „Развивање на критичкото мислење кон медиумите“, „Приказната на другиот“, „ Безбедно користење на интернет “, „ Врсничко насилство (Булинг), „Убаво однесување“, „Стереотипи и предрасуди“ и „Заедно против булингот“. 

Проектот „Училиште без насилство“ претставува системски пристап за создавање училишна средина во која секој ученик се чувствува сигурно, заштитено и прифатено.

Во рамките на проектот се спроведуваат активности за препознавање ризични ситуации, поттикнување ненасилна комуникација и развивање култура на почит и одговорност.

Преку заедничка соработка на учениците, наставниците и родителите, се гради јасна поддржувачка мрежа што спречува конфликти, го намалува несаканото однесување и промовира конструктивни решенија.

Целта е училиштето да стане место каде доминираат безбедноста, емпатијата и позитивните односи помеѓу сите учесници во воспитно-образовниот процес.

психолог Бранка Бранковиќ 

педагог Весна Рафеска 





субота, 13. јун 2026.

Промоција на најдобрите ученици од генерација 2017-2026

 Ученик на генерација Калина Коларовска 9а, континуирано одлични ученици: 9а - Константин Димишковски, Стефан Стефковски, Борјан Стаменковски, Ева Христова, 9б - Милош Милошевски, Ева Ѓорѓиевска, Иван Велигденов, Тео Станоески, 9г - Михаела Васковска, Руби Костовска, Глорија Михајловска, Иван Петровски, Теа Спасовска, Андреј Станковски, Бојан Давитковски, Јован Корубин.

Честитки за постигнатите резултати со желби за повисоки дострели во понатамошното образование.




среда, 10. јун 2026.

ЕTwinning проекти во учебната 2025/2026 година - Магдалена Бадарова

 eTwinning проекти во учебната 2025/2026 година




“Score with Chores“

                                          




Земји учеснички во преоектот: Македонија, Турција, Грузија, Украина, Полска, Грција, Шпанија и Словачка.

eTwinning проектот “Score with Chores” има за цел учениците да ги набљудуваат и споредуваат домашните обврски на учениците од партнерските училишта. Проектот исто така има за цел учениците да ги подобрат своите дигитални вештини користејќи Web 2.0 алатки. Во проектот се вклучени ученици од 7 а, б, в и 4 а одделение. 

Реализатор на проектот е предметниот наставник по англиски јазик Магдалена Бадарова. 

Период за реализација на проектот е од јануари 2026 до мај 2026 година. 


“Fit Children, Bright Minds”


                                                


Земји учеснички во преоектот: Македонија, Турција, Грузија , Грција , Шпанија и Италија. 

eTwinning проектот “Fit Children, Bright Minds” има за цел да се подигне свеста кај учениците за значењето на здравата и избалансирана исхрана и да се поттикне редовна физичка активност и здрав начин на живот. Проектот исто така има за цел учениците да ги подобрат своите дигитални вештини користејќи Web 2.0 алатки. 

Во проектот се вклучени ученици од 7 а, б, в и 4 а одделение. 

Период за реализација на проектот е од октомври 2025 до мај 2026 година. 


“Water, Our Treasure of Life”



                                                                        

Земји учеснички во проектот: Македонија, Турција, Грузија , Грција , Шпанија и Италија. 

eTwinning проектот “Water, Our Treasure of Life” има за цел фокус на СТЕАМ предмети (наука, технологија, инженерство, уметност и математика), јазици и општествени науки. Исто така проектот има за цел да ги опреми учениците со вештини за 21 век, да ги развие нивните способности во науката, технологијата, инженерството, математиката и уметноста, да ги запознае со професиите на иднината и да им помогне да пронаоѓаат најбрзи и најефикасни решенија за секојдневните проблеми. Проектот исто така има за цел учениците да ги подобрат своите дигитални вештини користејќи Web 2.0 алатки. 

Во проектот се вклучени ученици од 7 а, б, в и 4 а одделение. 

Период за реализација на проектот е од октомври 2025 до мај 2026 година. 


“e-Include: Digital Education for All”

  


 

                                                     

Земји учеснички во преоектот: Македонија, Турција, Романија, Шпанија, Португалија и Италија. 

eTwinning проектот “e-Include: Digital Education for All” ги обединува наставниците и учениците со цел да се развијат дигиталните компетенции и да се промовира инклузивно образование за сите ученици, вклучително и оние со посебни образовни потреби и од социјално загрозени средини. Преку job shadowing активности, онлајн соработка, структурирани обуки и мобилности на ученици, учесниците ќе истражуваат иновативни дигитални алатки, ќе споделуваат добри практики и ќе креираат заеднички образовни продукти. Проектот поттикнува интеркултурен дијалог, соработка и еднакви можности, помагајќи им на учениците и наставниците да станат посигурни, покреативни и подобро поврзани во европската образовна заедница. 

Проектот исто така има за цел учениците да ги подобрат своите дигитални вештини користејќи Web 2.0 алатки. 

Во проектот се вклучени ученици од 7 а, б, в и 4 а одделение. 

Период за реализација на проектот е од октомври 2025 до мај 2026 година. 

Предметен наставник : Магдалена Бадарова


уторак, 9. јун 2026.

Еднодневна екскурзија од научно-едукативен карактер во Кавадарци - трето одделение

 На ден 8.6.2026 година (понеделник) беше реализирана еднодневна екскурзија од научно-едукативен карактер во Кавадарци, со учениците и активот од трето одделение од нашето училиште.

 Екскурзијата се реализираше според однапред утврдениот план и програма за претходно договорените посети, во пријатна атмосфера и со целосно почитување на безбедносните мерки.

 Учениците покажаа особен интерес за посетените објекти и знаменитости и интерактивно учествуваа во сите активности. Со реализацијата на екскурзијата беа постигнати предвидените воспитно-образовни цели, преку запознавање со културно-историското наследство, традицијата и природните убавини во Тиквешкиот регион. 

Екскурзијата заврши успешно и безбедно, а учениците се вратија со позитивни впечатоци и нови знаења.

Актив трето одделение



субота, 6. јун 2026.

OПШТЕСТВЕНО – ХУМАНИТАРНА РАБОТА НА УЧЕНИЦИТЕ ОД 7 ОДДЕЛЕНИЕ - Заедно без страв – „Рајко Жинзифов“ училиште без насилство

 Во современиот свет младите се соочуваат со бројни општествени и хуманитарни предизвици кои бараат од нив свесност, емпатија и проактивен ангажман. Разбирањето на овие предизвици како и развивањето на чувство за општествена одговорност и активно граѓанство

  учениците го добиваат преку директно ангажирање во општествено -хуманитарна работа. Преку ангажирањето во ваква работа учениците  треба да стекнат знаења, вештини и искуства што се потребни за да научат како да придонесуваат за развој на нивната заедница

 и, пошироко, за општеството.

Преку учеството во општествено -хуманитарна работа учениците се вклучуваат во решавање прашања од реалниот свет, ги разбираат различните перспективи и соработуваат со своите врсници на проекти кои произлегуваат од потребите на заедницата и општеството.

На оваа возраст, учениците се способни за критичко размислување и сѐ повеќе се свесни за општествените и хуманитарните прашања околу нив. Преку општествено-хуманитарна работа оваа свест се канализира во конструктивна акција, насочувајќи ги учениците да станат информирани и сочувствителни граѓани.

Во текот на неколу месеци кампања и работилници учениците работеа на кампања за спречување на врсничкото насилство и истата им ја презентираа на своите соученици, низ драматизации, презентации, игри и анкетни листови притоа промовирајќи  култура на љубезност и инклузивност.

*реализатори – учениците од генерација седмо одделение, со помош на наставничката по македонски  јазик  Елена Ристевска 




среда, 3. јун 2026.

Нов компостер во ООУ „Рајко Жинзифов“ - чекор кон поеколошко образование

 Грижата за животната средина и еколошката едукација започнуваат од најмладите. ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, доби нов градинарски компостер „AL-KO K 390“ со капацитет од 390 литри, со што започнува една одлична иницијатива за селективно собирање и реупотреба на органскиот отпад во ова училиште.

😊Со оваа донација, учениците ќе можат директно и низ пракса, во самиот училишен двор, да учат како био-отпадот се претвора во квалитетно природно ѓубриво и што всушност значат одржливите практики и циркуларната економија.

🤝Упатуваме голема благодарност до Владата на Швајцарија и Амбасадата на Швајцарија, кои преку програмата Цивика мобилитас го овозможуваат овој процес. Благодариме и до имплементаторите на проектот - Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) - Македонија, Еко Логик и Флорозон -Центар за еколошка демократија, за нивниот ангажман во едукацијата и поттикнувањето на еколошката свест.

🌳Општина Кисела Вода продолжува да дава силна поддршка за сите проекти кои обезбедуваат позелена и поздрава средина за нашите дечиња



Излет од рекреативно-забавен карактер I - III одделение

 Согласно годишната програма на 01.06.2026 год. се одржа еднодневен пролетен излет од рекреативно-забавен карактер за учениците од 1-3 одделение во  Шума Парк, Гази Баба.Целта на овој излет беше :

-Поттикнување на физичката активност и здравите животни навики преку рекреативни активности.

-Создавање можности за одмор, релаксација и забава во природна средина.

-Развивање на љубов кон природата и подигнување на еколошката свест.

-Поттикнување на самостојност, одговорност и дисциплина кај учениците.

-Развивање на спортскиот дух и фер-плеј однесување.

  -Развивање на другарство, соработка и меѓусебно почитување меѓу учениците.










недеља, 31. мај 2026.

Во туѓите чевли

 Во текот на месец мај, во подрачното училиште во н. Пинтија беше реализирана едукативна работилница на тема „Емпатија“, наменета за учениците од V до VIII одделение.

Работилницата беше осмислена и подготвена од ученичките Руби Костовска и Јана Спирковска од IX-Г одделение, под менторство на училишниот психолог. Преку интерактивни активности, игри, дискусии и вежби, учениците имаа можност да размислуваат за важноста на разбирањето на чувствата на другите, покажувањето почит, поддршка и меѓусебно прифаќање.

Работилницата ја реализираа самите ученички, кои со голема посветеност и одговорност ги водеа активностите и поттикнаа активно учество кај помладите ученици. Атмосферата беше исполнета со позитивна енергија, искреност и соработка, а учениците покажаа интерес и подготвеност да ги применуваат научените вештини во секојдневната комуникација.

Оваа активност претставува одличен пример за врсничка едукација и соработка, при што учениците не само што ги развиваат сопствените компетенции, туку и придонесуваат за градење училишна средина исполнета со разбирање, почит и емпатија.


психолог Бранка Бранковиќ



Работилница на тема „Сајбер насилство“ во рамки на проектот „Насилството не е кул“

 

Во месец мај се реализираше четвртата работилница во рамки на проектот „Насилството не е кул“, на тема „Сајбер насилство“.

Работилницата беше осмислена со цел учениците да стекнат подобро разбирање за ризиците што ги носи дигиталната комуникација, да ги препознаваат различните облици на сајбер насилство и да научат како безбедно и одговорно да се однесуваат во онлајн просторот.
Преку групна работа, анализа на реални ситуации и интерактивни активности, учениците дискутираа за последиците од сајбер насилството, улогата на набљудувачите, како и за начините на пријавување и спречување на ваквото однесување.
Работилницата ја реализираа училишниот психолог Бранка Бранковиќ и педагог Весна Рафеска, а учесници беа ученици од VII и VIII одделение од ООУ „Рајко Жинзифов“, како и ученици од ООУ „Св. Климент Охридски“ и ООУ „Кузман Шапкарев“.
Со оваа работилница се поттикна развојот на дигиталната писменост, критичкото размислување и одговорното користење на интернетот, а учениците испратија силна порака дека и во виртуелниот свет треба да владеат почитта, емпатијата и ненасилната комуникација.

психолог Бранка Бранковиќ
педагог Весна Рафеска




четвртак, 28. мај 2026.

Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11, 13 и 15 год.)

 Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст 

(11, 13 и 15 год.)

Health Behaviour in School-Aged Children (HBSC Study)


Во мај 2025/2026 година нашето училиште беше меѓу случајно избраните училишта кое учествуваше во меѓународната студија „Однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст“ што оваа година се спроведува. 

Студијата ги истражува однесувањата на младите поврзани со здравјето и нивниот животен стил, со цел подобро разбирање на условите за подобро здравје, кај децата од различни средини. Со истражувањето во нашата држава беа опфатени 6.000 ученици од 118 училишта, на 11, 13 и 15 годишна возраст. Податоците од Студијата ќе се искористат за подобрување на образовните програми и на здравствено-образовните политики за унапредување на животот на младите. Оваа, 2026 година во Студијата учествуваат вкупно 50 држави од Европа, Северна Америка и Канада. Студијата ја поддржуваат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Учесници од ООУ „Рајко жинзифов“ во оваа студија беа учениците од V – а одд, VII – а и IX – а одделение. Паралелките кои учествуваа во истражувањето беа избрани од регионалните координатори, согласно утврдени критеријуми и методологијата на студијата, а училишниот психолог беше задолжен за организација и спроведувањето на истражувањето во училиштето.

Пред започнувањето на истражувањето, во соработка со класните раководители, беше спроведена постапка за информирање на родителите и прибирање на писмена согласност на родителите за учество на учениците, во согласност со протоколите на студијата.


среда, 27. мај 2026.

Посета на СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“

 На 26.05.2026 ученици од 9-а, 9-б, 9-в и 9-г го посетија СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ и присуствуваа на заеднички час со учениците од прва година франкофонска паралелка заедно со учениците од деветто одделение од ООУ „Круме Кепески“. Учениците се запознаа со работата и предностите да се учи во оваа паралелка. Учениците од франкофонската паралелка подготвија квиз на познавање на француски јазик и најдобриот ученик доби подарок-слушалки од Францускиот Институт.

Одговорен наставник : Анета Ѓуровска




субота, 23. мај 2026.

Етвининг проектот ,, My Art Twin ,,

 Денес петок 22.05.2026 год. учениците од 3а се вклучија на платформата Зоом со учениците од Етвининг проектот ,, My Art Twin ,, . Сите ученици го претставуваа народниот инструмент за својата држава и пееја народна песна. Се запознавме со инструментите од другите држави: ќеманче, бузуки, тапан, дајре. Настанот предизвика голем интерес кај учениците.



петак, 22. мај 2026.

МИО проектот- работилница НАЈУБАВОТО ЦВЕЌЕ

Денес 21.05.2026 се одржа работилница НАЈУБАВОТО ЦВЕЌЕ со учениците од Vд одд во соработка со партнерското училиште ООУ ,,Дитурија"Драга Стојановска" од с.Чифлик општина Сопиште во рамки на МИО проектот(Меѓуетничка Интеграција во образованието). Учениците изработуваа цвеќе од силикон, bookmarks со отпечаток од цвеќиња, истражуваа со апликацијата Plant.net, изработуваа прекрасни ружи од хартија. На крај сите беа задоволни од своите креативни изработки.

Одговорен наставник : Билјана Илиева








Литературен конкурс од општина Кисела Вода, на тема "Светлината на писменоста-од мисија до азбука"

 По повод 24 Мај, Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј,на објавениот литературен конкурс од општина Кисела Вода, на тема "Светлината на писменоста-од мисија до азбука", ученичката Михаела Трпевска од 7в одд. ја освои третата награда. Честитки и понатамошни успеси. 



Св.Кирил и Методиј

 По повод празникот на светите браќа Кирил и Методиј, учениците од 7а и 6б одделение, преку заедничка работилница, им оддадоа почит на творците на словенската писменост и темелите на нашата култура и образование.


Учениците со љубов и креативност изработуваа пораки, цртежи и активности посветени на писменоста и словото. 📚✏️


Преку игра, учење и дружење ја одбележавме важноста на јазикот, знаењето и делото на сесловенските просветители.


Нивното дело и денес нè потсетува дека јазикот, знаењето и писменоста се најголемото богатство на еден народ.


Нека ни е честит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители!


Одговорни наставници - Љупка Мишевска, Елена Ристевска




среда, 20. мај 2026.

Мини олимписките игри- спортскиот центар Јане Сандански

 Учениците и наставниците ги здружија силите на Мини олимписките игри кои се одржаа во спортскиот центар Јане Сандански. Многу трчање, многу смеа и уште повеќе тимска работа! Горди сме на сите кои покажаа фер-плеј и неверојатна енергија. Ова не е само натпревар, ова е лекција за другарство! Овие  игри ќе ги паметиме по искрените насмевки и заедничката борба. Браво за сите учесници! 




МИО работилница на тема “Рециклирање и правилна селекција на отпад.”

 Во рамки на активностите по МИО преку едукативна и креативна работилница денес 19.05. учениците од IV-д одд. од нашето училиште заедно со партнер училиштето ООУ”Дитурија”-Сопиште  реализираа работилница на тема “Рециклирање и правилна селекција на отпад.”

♻️Поделени во тимови за хартија,пластика и стакло ,учениците преку истражување, дискусија и практична работа изработија еко -паноа , креативни материјали и канти за селекција на отпад.

♻️Преку тимската работа и соработка ја развиваа еколошката свест и одговорноста кон животната средина.♻️🌱

Со реализацијата на оваа МИО -активност се поттикнаа вредностите на соработка , почитување и заедничка грижа за животната средина!

“Учиме да ја чуваме природата !

Одговорен наставник : Елена Стојановска