петак, 21. јун 2019.

СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА НОВАТА СПОРТСКА САЛА ВО НАШЕТО УЧИЛИШТЕ



           Денес, 21. 06. 2019 година, со почеток во 12,30 ч. беше извршено свечено отворање на новата спортска сала во нашето училиште.
     По тој повод беше потпишан Сертификат за исправност на салата помеѓу градоначалникот на Општина Кисела Вода, г-дин Филип Темелковски и претставникот на кинеската компанија China IPPR International Engineering Co., Ltd, г-дин Colin Fu. Потоа беше потпишан Сертификатот за заокружување на проектот помеѓу Амбасадорот на НР Кина, Нејзината Екселенција, г-ѓа Yin Lixian и Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми.





                 По потпишувањето на сертификатите пред присутните имаа свое пригодно обраќање Амбасадорот на НР Кина, Нејзината Екселенција, г-ѓа Yin Lixian, Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми и Градоначалникот на Општина Кисела Вода, г-дин Филип Темелковски по што следеше сечење на лентата и разгледување на новата спортска сала.
 













Промоција на најдобрите ученици на генерација 2010-2019

На 16.06.2019 година во 18 часот во просториите на нашето училиште се одржа традиционалната промоција на најдобрите ученици на генерација 2010-2019 со првично прогласување на ученик на генерација - Ева Карамановска од 9-б одд. Исто така беа наградени и ученици кои се здобиле со многу награди и признанија на различни настапи и натпревари, воедно и со континуиран одличен успех.Тоа се следните ученици: Милошеска Тамара-9-а, Ема Андреска-9-а, Даниел Барбаров-9-а, Мила Маркоска-9-б, Ели Петреска-9-б, Лука Тодевски-9-б, Драган Јовановски-9-б, Даниел Јанков-9-в, Кристина Наумовска-9-в, Нејра Суљовиќ-9-в, Евгенија Весковска-9-в, Рабела Љокановци-9-в, Ангел Блажевски-9-г,Марко Георгиев-9-г и Горазд Гигов-9-г одделение.
              Одговорен наставник: Мишевска Љуба, наставник по македонски јазик



уторак, 11. јун 2019.

Учество на научно-едукативен настан „Изложба и работилници за урбаниот биодиверзитет“



           На 10.06.2019 год. учениците од 2-б одд. со своите наставнички реализираа забавен и впечатлив крај на училишната година во Градскиот парк во Скопје.
          Заедно со основци од неколку училишта од градот играа интерактивни игри за ботаника и зоологија на без’рбетни животни - составуваа сложувалки, пронаоѓаа скриени животни, истражуваа со лупа, гледаа под микроскоп, учествуваа во квиз и на крај  ја погледнаа изложбата на хербариум, фаунариум и аквариум со примероци од повеќе градови во Македонија.
         Настанот  беше  во рамките на кампањата за подобра животна средина #НеИгнорирај #Реагирај во која одделението е активно вклучено.
                                                             Одговорен наставник Елена Стојановска







ЕДНОДНЕВНА ЕКСКУРЗИЈА НА АКТИВ ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ

На 7.6.2019 година се реализира еднодневната ексурзија во Тетово – Лешок која имаше научно-образовен карактер и беше предвидена со наставниот план и програм на трето одделение за учебната 2018/2019 година.
Прво беше посетена Шарената џамија во Тетово каде одговорно лице им одржа кратко предавање на учениците за настанокот на џамијата, за начинот на нејзиното градење, функцијата и нејзиното историско значење. Потоа го посетивме манастирот Лешок каде учениците уживаа во природните убавини на местото, ја посетија црквата Свети Атанасиј и го разгледаа манастирскиот комплекс. Учениците беа задоволни од изведената еднодневна екскурзија и во попладневните часови пристигнавме во нашето училиште.
                                                            Одговорен наставник: Светлана Жежовска


четвртак, 6. јун 2019.

Научно-истражувачка посета на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје



            На 5.6.2019 година учениците од IV-в одд беа во посета на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Посетата ја организираше родителот Наташа Ангелевска, како дипломиран инженер на истиот факултет.
       Прво формиравме група ученици кои покажаа интерес за следење на активностите кои се одвиваат во соодветните лаборатории на факултетот, а потоа со поддршка на родителите го организиравме и превозот до факултетот.
       Во факултетот бевме пречекани од Продеканот за настава - Проф. д-р Игор Јорданов, кој не запозна со функцијата и задачите на деканатот, а потоа нè упати во посета на неколку лаборатории во факултетот.  Најпрво ја посетивме лабораторијата за неоргански материјали каде што Проф. д-р Бошко Бошковски не запозна со начинот на одвојување на металот од рудите и целата постапка на дробење, измивање, сепарирање  и мелење на рудите, до фазата на добивање на смеса за изработка на тули или керамиди.
     Потоа се упативме кон лабораторијата за груба и фина керамика и дизајн на производи, каде Проф. д-р Војо Јованов, преку своите студенти не запозна со постапката за изработка на керамички производи од отпаден градежен (ѕидарски) материјал, односно подготовката на мешавина од различни материјали: глина, цемент и стакло, во правилен сооднос, сè до фазата на боење и печење на готовиот производ.
      На крај ја посетивме лабораторијата за хемија на текстил, каде учениците  со употреба на микроскоп се запознаа со природни влакна (памук и волна) и вештачки влакна (полиестер и вештачка свила). Тука Проф. д-р Емилија Тошиќ исцрпно нè запозна зо разликите меѓу природниот и вештачкиот текстил, начините на боење и впивање на бојата, влијанието  на базата и киселината врз текстилот и сл. Професорката направи и експеримент преку кој ни покажа како мравската киселина целосно го раствора полиестерот, а кај памукот и волната прави минимални промени, без при тоа да ги раствори.
       Преполни со пријатни доживувања и нови искуства и знаења, нè испрати прекрасниот професорски тим. Ние презадоволни ги напуштивме факултетските простории, среќни што добивме покана за повторна средба во која ќе бидеме директно вклучени во вежбите и активностите со студентите.
                                                                                                       Одговорен наставник:
                                                                                                           Виолета Николин


среда, 5. јун 2019.

Заедничка активност со партнер училиште ООУ „Алија Авдовиќ“ с. Батинци



            На 30.05.2019 нашето училиште беше гостин во ООУ „Алија Авдовиќ“ с. Батинци.  Со наставниците и учениците од партнер училиштето реализиравме заедничка краткотрајна активност „Квиз натпревар - Заедно учиме“. Во активноста беа вклучени ученици од второ, трето, четврто и петто одделение, одделенските наставници: Билјана Христовска, Светлана Жежовска, Софија Лукроска и дефектологот Адријана Кукоска. Учениците меѓусебно се  дружеа и ги продлабочија потребните компетенции за живот во мултиетничко општество преку еднаквост за сите, меѓусебно почитување, разбирање и прифаќање на различностите.
Дефектолог Адријана Кукоска