Во периодот од
14.04.2019 до 18.04.2019 година според Планот и програмата за учениците од
петто одделение беше реализирана настава во природа во детското
одморалиште„Михајлово“-Кавадарци. Програмата беше одобрена и реализирана преку
туристичката агенција „Сара-травел“-Скопје. Според програмата беа реализирани
повеќе посети на: археолошко наоѓалиште „Стоби“, спомен куќата на Страшо Пинџур
во с. Ваташа, споменикот на стреланите младинци во с. Ваташа и посета на
караулата на планината Кожуф.
Учениците беа сместени во одморалиштето, со организирана
исхрана, секојдневно организирани активности од страна на нивните одделенски
раководители: Весна Милановска, Мануела Марковска, Билјана Христовска и Даниела
Костадинова и со постојана придружба на доктор кој истовремено беше и водач кој
одлично го познаваше теренот околу одморалиштето. Низ едукација, другарување,
рекреација, прошетки, спортување, со примена и користење на современите
педагошки форми се систематизираа знаењата на учениците и нивната практична
примена како и стекнување нови знаења преку набљудение, опити што во училишни
услови тешко може да се реализираат. Вечерните активности на учениците им беа
многу забавни: „пижама парти“, избор „Покажи што знаеш“, најлуда фризура,
најдобар глас и најуспешна маска. Посебно интересно им беше вечера покрај
логорски оган.
Попатно
реализиравме: посета на фабриката „Кожувчанка“ во с.Мрежичко и посета на
винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци. Поради
лошите временски услови не бевме во можност да го посетиме и градот Кавадарци.
Со импресии од доживувањата, со нови пријателства, нови спомени, среќни и
задоволни учениците се вратија во училиштето и беа пречекани од родителите
според планираното време.
Одговорен наставник:
Даниела Костадинова
Нема коментара:
Постави коментар