понедељак, 11. мај 2026.

Настава во природа петто одделение ,, Михајлово,,

 Во периодот од 5 до 8 мај 2026 година беше успешно реализирана наставата во природа на петите одделенија од нашето училиште.

Целта на наставата во природа беше учениците преку непосредно набљудување и практични активности да стекнат нови знаења за природните и културно-историските вредности на нашата држава, да развиваат самостојност, одговорност, социјални и хигиенски навики, како и да го зајакнат другарството и тимскиот дух.

Во текот на престојот учениците го посетија археолошкото наоѓалиште Стоби, каде што се запознаа со значајното културно-историско наследство на нашата земја. Исто така, ја посетија експерименталната шума на планината Кожуф, караулата и скијачкиот центар Михајлово, при што имаа можност непосредно да ги набљудуваат природните убавини и особености на овој крај.

Дел од наставните содржини беа реализирани на отворено, во природна средина, што овозможи поинтересно и поефикасно усвојување на знаењата. Беа организирани и спортски активности и натпревари во фудбал и одбојка, преку кои учениците го развиваа натпреварувачкиот дух, тимската работа и спортското однесување.

Последната вечер беше организиран логорски оган, покрај кој учениците уживаа во дружење и јадење хамбургери. Оваа активност претставуваше посебно и несекојдневно доживување за учениците, кое остави силен впечаток и придонесе за создавање убави спомени.

Во вечерните часови беа реализирани забавни активности како „Покажи што знаеш“, „Најоткачена фризура“ и „Маскенбал во пижами“, на кои учениците ги покажаа своите таленти, креативност и смисла за забава.

За време на наставата во природа учениците покажаа високо ниво на дисциплина и одговорност. Тие успешно се дружеа, соработуваа, се социјализираа и развиваа позитивни навики за лична хигиена, самостојност и меѓусебно почитување.

Наставата во природа беше успешно реализирана и целосно ги исполни своите воспитно-образовни цели. Учениците се вратија дома задоволни, среќни и исполнети со нови знаења, искуства, силни впечатоци и незаборавни спомени. 

Актив петто одделение









Нема коментара:

Постави коментар

Напомена: Само члан овог блога може да постави коментар.