По шести пат на 18. и 19.05.2019 год., под покровителство на град Скопје и
ЈП „Паркови и зеленило“, во Градскиот парк - Скопје се одржува ЦВЕТЕН СКОПСКИ
ФЕСТИВАЛ под мотото „СКОПЈЕ ЦВЕТА“.
Идејата е сите училишта и градинки од сите
општини да земат учество со цел промоција на одгледување цвеќе, вклучување на
најмладите во работилници, развивање креативност и знаење за цвеќињата и
растенијата како и подигнување на свеста за заштита на животната средина.
Оваа година учесници на фестивалот од нашето училиште ООУ „Рајко
Жинзифов“ н. Драчево, Општина Кисела Вода, беа учениците од III-Б одделение со дел од родителите
и одделенскиот раководител Марија Илиева. На почетокот пред отварањето на
фестивалот имаше цветно дефиле од присутните деца од градинките и основните
училишта кои во придружба на оркестар се движеше до делот од паркот каде беше
предвидено свеченото отварање. Градоначалникот
на град Скопје Петре Шилегов со краток говор свечено го отвори фестивалот во 12.00 часот. По отварањето следеа ритмички точки
од ученици и разни содржини и работилници за најмладите. Ги разгледавме
разновидните цвеќиња кои беа распоредени на штандови, децата имаа можност да се
запознаат со разни видови цвеќиња, а некои си купија цвеќиња за одгледување во
домашни услови. Учениците имаа можност да си играат и забавуваат на зелената
трева, да се одморат под сенките на дрвјата во паркот и да дишат чист воздух.
Сите бевме расположени, весели и исполнети со позитивни емоции. По убаво
поминатиот ден, си отидовме со насмевки на лицата и желба повторно да го
посетиме паркот и да уживаме во убавините на природата и пролетта.
Одд.наставник:
Марија Илиева
Нема коментара:
Постави коментар