среда, 14. јун 2023.

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА РЕАЛИЗИРАНАТА НАСТАВА ВО ПРИРОДА СО УЧЕНИЦИТЕ ОД V ОДДЕЛЕНИЕ

Во периодот од 6 до 9 јуни 2023 година, беше реализирана Настава во природа со учениците од V-то одделение. Наставата во природа беше спроведена според предходно изработена програма од страна на одделенските наставници на петите одделенија.

       Целта на оваа настава во природа беше преку четири дневен престој надвор од местото на живеење, низ едукација, другарување, рекреација, прошетки, забава и спортување, со примена и користење на современи педагошки форми и методи на работа, да се утврдат и прошират знаењата на учениците, како и да се стекнат нови знаења. Учениците да се запознаат со дел од својата татковина, со нејзиниот релјеф, со нејзините убавини и природни богатства.

    Наставата во природа беше реализирана во соработка со туристичката агенција „Дема Травел„ и во неа учествуваа вкупно 49 ученици од централното и подрачното училиште во Пинтија. Учениците беа сместени  во детското одморалиште ,,Михајлово,, со прекрасен поглед кон Кожув планина, опколено со стара борова шума, лоцирано на 40 километри од градот Кавадарци.

     Првата планирана посета беше античкиот локалитет Стоби. Овде учениците имаа можност да ја слушнат историјата на античкиот град Стоби и одблиску да се запознаат со неговиот изглед, како и со начинот на живот, културата и традицијата на неговите жители. Учениците ја слушнаа приказната за бањите, за античкиот театар (арената) и се воодушевуваа на прекрасните мозаици.

    По посета на локалитетот Стоби, патувањето продолжи понатаму.  Се упативме кон селото Ваташа каде ја посетивме спомен куќата на Страшо Пинџур, која е меморијален спомен музеј. Учениците беа топло пречекани и  запознаени со животот и револуционерната дејност на овој народен херој.                                                              

    Патувањето продолжи понатаму во посета на Спомен обележјето за дванаесетте младинци стрелани за време на НОБ. Тука учениците имаа краток одмор, ужина и во попладневните часови следеше пристигнување во одморалиштето.

     Во наредните денови следеа секојдневно организирани активности од страна на одделенските наставници, со постојано присуство на медицинска сестра. Утрата започнуваа со утринска гимнастика, потоа со задолженија за учениците: пополнување на наставни ливчиња, цртање, читање, активности околу прибирање и работа со податоци и други сл. Активности, а во попладневните часови беа организирани спортски активности и натпревари.

     Посета на  Експерименталната шума во близина на одморалиштето каде учениците  собира разни видови растенија со сите делови ( корен, стебло, лист, цвет) и изработија хербариум.

Во вечерните часови се организираа активности од културно-забавен карактер,кои поминуваа во ведро расположение и пријатна атмосфера.

      Четвртиот ден на враќање кон Скопје,  попатно ја  посетивме фабриката Кожувчанка во с.Мрежичко, каде учениците се запознаа со производството на минерална и обична изворска вода од изворите на Кожуф планина.  Попатно следеше посета на рибникот и винарската визба ,,Тиквеш,, каде стручно лице од винаријата ги запозна учениците со процесот на производство, зрење и складирање  на виното. Во попладневните часови  пристигнавме во Скопје.

    Учениците поминаа четири незаборавни дена со што ја покажаа својата дружељубивост, чувство за грижа и соработка, одговорност и сериозност кон поставените цели и активности, што беше олеснување да се реализираат сите предвидени содржини. Сите земаа активно учество во работата (едукативните содржини) и уживаа во прошетките, набљудувањата, спортските и слободните активности, а посебно во културно-забавната вечерна програма.

      Од ова заедничко патување  во сеќавањето на учениците ќе останат многу слики, многу убави спомени и нови другарства.  

Одговорни наставници: Кристина Никчевска, Маја А. Спасеска, Билјана Шоклевска, Цветанка Ѓорѓиевска









Нема коментара:

Постави коментар