среда, 31. август 2022.

Учество на конференција „Граѓанско на дело – Од училница во акција“

 

На 23-ти август 2022 г. повеќе од 400 ученика од основните и средните училишта низ државата, професори по граѓанско образование и претставници на надлежни институции и организации земаа учество на конференцијата  „Граѓанско на дело – Од училница во акција“, поддржана од УСАИД во рамки на проектот за младинска етничка интеграција, во соработка со Младинскиот образовен форум.

На настанот со свои говори учествуваа Зекирија Хасипи, в.д. Директор на Бирото за развој на образованието, Шериф Мифтари, Директор на Центарот за стручно образование и обука, Небојша Мојсоски, Директор на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието и Дон Кармин, Директорка на канцеларијата за развој на УСАИД во Северна Македонија, кои ја нагласија важноста на студенските иницијативи и слушањето на гласот на младите во насока на позитивните промени во општеството. Воедно, на настанот се одржа и панел дискусија на која се дискутираше за предизвиците и идните насоки за развој на граѓанското образование.

Истовремено, во рамки на настанот, учениците имаа можност да учествуваат во таканаречена „Жива библиотека“ и да се запознаат со работата на институциите и невладините организации – Парламентот на Република Северна Македонија, Народниот правобранител, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (ЕРАЗМУС), Канцеларијата на УНИЦЕФ, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција, Црвениот крст, Сојузот на извидници и Младинскиот образовен форум.

На настанот земаа учество и претставници од нашето училиште, учениците Марио Додевски од IX-в и Милена Крстевска од IX-б, како и наставничката по граѓанско образование Валентина Јанкоска и педагогот на училиштето Весна Рафеска.

Преку креативни штандови и инспиративни презентации подготвени од дел од учениците и нивните наставници, присутните слушнаа успешни приказни и добри примери од училишниот живот на наставниците и учениците, оние кои најблиску искуствено ја унапредуваат, доживуваат и практикуваат демократската клима во нивните училишта.

Нашите ученици имаа можност да ја претстават работата на училиштето преку свој штанд на кој беа изложени претходно изработени материјали од нашите ученици (брошури, прирачници, флаери и летоци) на различни теми изработени во текот на претходната учебна година во рамки на предметот граѓанско образование.  На наше задоволство изработките предизвикаа голем интерес кај присутните и позитивни коментари за обработените теми.

                             Предметен наставник Валентина Јанкоска



Нема коментара:

Постави коментар