среда, 2. март 2011.

од литературниот конкурс по повод патрониот празник



Мали нешта за голема насмевка 
Утро. Се раѓа нов ден. Нови причини за нови насмевки. Нови мигови исполнети со малите нешта кои нè прават посреќни и измамуваат насмевка на нашите лица.

          Утро. Она небесно синило облеано во утринското руменило тропа на мојот прозорец нечујно. Сончевите медово-златни зраци продираат низ завесата од зелени ливчиња, стигнувајќи до мене. Започнува нов ден. Го отварам прозорецот и оставам палавото ветре да ја разбушави мојата коса и сонцето да ја осветли мојата соба. Наеднаш погледот ми залутува кон сликите наредени на полицата над мојот кревет. Спомени врежани во мојата глава и овековечени во рамките. Ја земам првата слика и ја стегам во прегратка. Моите очи се затвараат а моите мисли ме навраќаат назад во минатото со првиот чекор кон бујната природа која ме маѓепсува. Меката трева ме скокотка на босите нозе додека тивко газам по неа. Едно пурпурно јоргованче го опојува воздухот срамежливо нишкајќи се и мамејкќи ги пчелите кон него. Топлото сонце, ветрот кој палаво ми ја бушави косата и меката трева ја расонија мојата насмевка. Ја стегам слика уште посилно. Погледот ми залутува на огромното парче сино платно над мене, ишарано со бели точки во сите форми, кои, чиниш ти се смешкаат. Ваква  насмевката што ми ја измами пролетта. Мојот поглед паѓа надолу. Една мелодија допира до мене од внатрешноста на блиската шума и ме понесува навнатре. Брзиот нескротлив поток бурно плиска врз карпите рушејќи ја тишината. На највисоката гранка од стариот даб, мал песнопоец ја развеселува шумата. Мојата насмевка е повторно примамена но сеуште не е целосна.

Ги отварам очите. Во мојата прегратка се наоѓа втората слика. Моите мисли повторно ме навраќаат наназад. Колку се движам подлабоко во шумата, толку станува потивко и пообоено. Зеленилото е одамна изгубено а пред мене првите есенски бои ги зафатиле дрвјата. Секое ливче се разликува од она до него. Внатрешноста на секое ливче е темнозелена која во најразлични нијанси преминува до нежнoзелена, се додека не ја замени жолтата која блеска на сонцето. Краевите на ливчињата се прелеваат од портокалови до црвени и бордo. На некои места и тревата е ишарана во боите од листовите. Топлите есенски бои ги предизвикуваат моите усни повторно да се извијат во насмевка.

Овојпат на следната слика не сум сама. Моите очи повторно се затворени а мојата глава ја извишува пред мене сликата. Под едно дрво забележувам силуета врз која паѓаат сончевите зраци и се одбиваат од костенливата коса. Одеднаш мојата занесеност ја прекинува неговиот топол поглед кој поаѓа кон мене. Неопислива топлина струи низ мене, а моето срце забегува од наредениот ритам додека се нурнувам во неговата прегратка која го додржува моето растреперено од љубов тело. Моето лице е повторно исполнето со насмевка. Овојпат заради него. Малите цвекиња од под мојот прозорец се смеат заедно со мене додека гледам во небесносините очи од сликата кои ме прават среќна и спокојна. Насмевката на љубовта.

На следниот врежан спомен сините очи и шарената шума се губат, а на нивно место доаѓа познатиот мирис на кафето испиено во друштво на најблиските пријатели на сеуште топлата плажа под мирното отворено небо. Музиката од брановите на морето се мешаат со тоновите од гитарата во мојата глава,  додека разгорениот оган на летото се смее со мене. Небото сега ги добива оние сјај и шаренило. Се капе во последните сончеви зраци со црвена, жолта и портокалова боја, а целото е пурпурно.

Прекрасна белина од ова пурпурно небо ги затвора повторно моите очи и ме носи под нежните мали снегулки кои паѓаат врз мојата коса и се закчуваат на моите трепки. Снегот е означен со стапалки. На едно место, шест раце тркалаат големи топки кои добиваат форма на снешко. Малку подалеку од нив две заљубени срца прават ангелчиња во снегот. До мене лежи личноста која ја сакам, пријателите кои ми го исполнуваат денот се на неколку чекори од мене.  Конечно сфаќам дека мојата насмевка е целосна.

Бура од спомени кои ја пробудија мојата насмевка. Нов ден. Нови спомени ќе се врежат овојпат. Нов ден. Секој посебен за себе. Пролет, лето, есен, зима. Сепак, слични по едно. Сите го имаат  рецептот што е потребен за мојата насмевка. А главните состојки се: љубов, пријатели, мелодија, снежно или утринско небо, раззеленети дрвја или побелена полјанка. Мали нешта за голема насмевка.

                                                                                        Марија Ралповска 

                                                                                                 VIIIа одд.







Нема коментара:

Постави коментар