уторак, 21. април 2020.

Одбележување на 22 Април – Денот на планетата Земја


Во согласност со Годишната програма на нашето училиште беше  реализирана online  воннаставна активност, по повод 22 Април – Денот на планетата Земја .
Учениците од I, II и III одделение ликовно твореа , додека учениците од IV и V  одделение ликовно и литературно твореа на темата :
„ Сакам да живеам на почиста и поздрава планета Земја“.
Ученицте покажаа голем интерес за спроведената online воннаставна активност. Преку своите изработки учениците ја изразија својата потреба и желба да живеат, растат и творат на почиста планета. Ова е само еден мал дел од ученичките изработки , а останатите може да се проследат на google drive , веб-сајтот на нашето училиште oourajkozinzifov.weebly.com.



САКАМ ДА ЖИВЕАМ НА УБАВА И ЧИСТА ПЛАНЕТА

Јас сум се родил на нашата планета што се вика планетата Земја  и мислам дека ќе живеам до крајот на мојот живот на неа. Ние сѐ уште немаме направено вселенски летала и затоа треба да се грижиме најмногу што можеме за неа.
Површината на планетата земја е 1/3 копно и 2/3 вода. Копното е многу живописно. Има високи планини со густи шуми како најбогат расцветан букет. Врвовите на највисоките планини со снежната белина ги допираат небесните височини, како да сакаат да си играат со нив. Од нив се гледаат плодните котлини каде земјоделците вредно работат и создаваат вкусна и здрава храна за сите нас.
Каде што завршува копното, почнуваат големите, сини води, неистражени во нивните длабочини. Без нив нашата планета не би имала живот. Тие им даваат живот на зелените и убави шуми, на дивите животни во нив, а и на сите нас.
Јас сѐ би направил за планетата Земја да остане чиста и здрава за сите нас. Не треба да бидеме себични кон животните и кон растенијата, бидејќи тие се неразделен дел од нашата животна средина. Без животните ќе останеме без верни пријатели со кои се дружиме, а без растенијата ќе останеме без храна.
Затоа ве замолувам и вас возрасните и сите деца: да ја чуваме и да ја сакаме нашата планета, бидејќи немаме друго место за живеење – ТАА Е НАШИОТ ДОМ!
                                                                               Јан Петрушески  IV a

Планетата Земја

За  мене планетата  Земја  претставува дом на сите луѓе што живеат во неа. Нашата љубов, внимание и грижа треба да бидат свртени кон нашата планета. Ние имаме една планета и треба да се грижиме за неа и да ја чуваме исто како што таа се грижи за нас.
Мојата најголема желба е сите ние да ја чуваме и почитуваме планетата како што сите деца ги почитуваат своите родители. Нашата планета од ден на ден е се повеќе загадена од чадот на фабриките и возилата како и од отпадоците кои неодговорно ги фрламе насекаде. Затоа треба да бидеме одговорни и да ги фрламе отпадоците на соодветно место. Нашите реки треба да бидат полни со риби, а не со шишиња и отпадоци. Нашите шуми да бидат дом на безгрижни животни и птици што ќе нѐ развеселуваат со нивните песни. Нашиот воздух да биде исполнет со миризби на цвеќиња а не на чад и издувни гасови.
Сите ние треба да ја разубавиме нашата планета. Затоа треба да се здружиме и да работиме сложно, за нашата планета да остане најчистата и најубава. Како пчели да бидеме вредни и сложно да работиме за подигање на еколошката свест. Бидејќи ако се грижиме за нашата планета, ние се грижиме за нашиот живот, среќа и иднина.
                                                      
                                                            Андреј Ристески  IV-a одд.


Сакам да живеам на почиста и поздрава планета Земја

Планетата Земја е единствената планета со сите погодности неопходни за постоење на живот.
Јас сум многу среќна бидејки живеам на планета Земја, во која постои љубов , среќа и радост меѓу живиот свет.
Планетата на која живеам сакам да биде исполнета со љубов меѓу луѓето, независно дали тие се од бела ,црна или жолта раса. Да постои мир, радост насекаде и сите да уживаат во се што им создала природата.
За да биде поубава и почиста нашата планета, целиот жив свет во кој спаѓам и јас, треба да внимаваме да не се фрлаат отпадоци насекад, да не се сечат дрвјата во шумите, да ја пазиме природата од пожари и разни загадувања во воздухот.
Реките, езерата, морињата и океаните треба да се чисти за да може да живее подводниот свет и да можеме да ги користиме кога одиме на одмор.
Секој човек има право на здрава и чиста средина, а за тоа можеме да се погрижиме ние самите.
Да ја чуваме природата затоа што таа ни враќа!
                                                                                          

                                                                                Мила Митиќ –IV-б одд.


                          Ден на планетата Земја - 22 Април                 

   Планетата Земја претставува една топка која се врти околу една оска. Населена е со многу луѓе, црни, бели, жолти, од различни раси и пол. Изобилува со многу вода, всушност реки, езера, мориња, океани. Има многу планини со високи врвови, лете зелени, зиме бели.
Планетата Земја е место каде живееме среќно и весело.
Се прашувам како ја замислувам како земја во која сакам да живеам. Во неа да раснам и живеам и на јаве и на сон, во ливада со многу разнобојни цвеќиња, крај река и секогаш добра мисла да ме краси.
Посакувам прошетка во природата,дружење со децата, животните и птиците, трчање по полињата и сладење од нејзината богата трпеза со огромни и слатки плодови. Улиците да ги красат алеи со цвеќиња, тревници со убава глетка и убав мирис. Посакувам покрај големи облакодери да има многу детски игралишта, спортски сали, паркови.
Најмногу од сѐ посакувам на планетата Земја да има мирен и среќен живот за сите.
За сето ова ќе се погрижам и јас. Ќе внимавам каде ќе се движам, ќе се потрудам да ја облагодарувам со моето учење, знаење и посветеност. Во секое време треба да биде чисто и да не се фрлаат отпадоци насекаде. Ќе се погрижам секој тревник и цвет да ни подарува убава глетка и убав мирис.
Насекаде нека биде чисто и зелено, зелено и развеселено.
                                                                    
                                                Ангелина Димишковска IV-в одд.



САКАМ ДА ЖИВЕАМ НА ПОЧИСТА И ПОЗДРАВА ПЛАНЕТА ЗЕМЈА

Нашето место на живеење е планетата Земја, место кое треба да се чува, негува и да се грижиме за него. Сакам да живеам во почиста и поздрава планета, за тоа го пишувам овој есеј , за да кажам гласно и јасно.
Езерата, реките, планините и сето таа природна убавина треба да ја одржуваме чиста за да ни ја краси оваа наша прекрасна планета Земја.
Да не фрламе отпад каде не треба, сите да фрламе отпад во кантите кои се наменети за тоа. Секако тука се и пластичните шисиња и другите пластични амбалажи кои треба да се ставаат во посебните канти за понаталошно рециклирање. Истото и со стаклените производи потребно е да се ставаат во посебните канти за рециклирање. Ова е исто многу битно бидејќи со овој процес на рециклирање се зачувува природата и добиените рециклирани производи може повторно да се употребуваат.
Кога сите би допринеле за зачувување на планетата, би живееле во поздрава планета, а со тоа и во поздрава околина.
Со ова сакам да кажам дека од сите нас зависи и сите ние треба да бидеме одговорни и одговорно да се однесуваме, за да нашата планета Земја ја чуваме.
                                                             Максим Ѓоршевски IV-в одд.


Сакам да живеам на почиста и поздрава планета Земја
  
    Планетата Земја е син остров во универзумот, а универзумот е како океан полн со сјајни, жолти, големи и мали, убави, ѕвезди. Нашата убава  планета е мајка, и извор на животот на сите живи шустества, растенија и луѓе. Сета таа убавина и разноликост од растителен и животински свет, синило од небо и океани, зеленило од шуми и прашуми, па дури и портокаловите пустини, ни се доверени на чување нам, на луѓето.
Јас, кога би можел да посакам каква да биде планетата на која што живеам би посакал:
         Зима со многу снег. Лето со сонце кое што нежно ќе нѐ гали. Пролет полна со весели звуци на птици преселници и есен полна со родни ниви и дрвја. Четири годишни времиња, кое од кое поубаво. Секое со своите благодети и рожби. Секое корисно и прекрасно за нас луѓето, но и за целиот растителен и животински свет.
Кога би можел да посакам, би посакал планета на која  ќе нема гладни и жедни луѓе. Планета во која сите деца ќе бидат во прегратките на своите мајки, на трпезите ќе имаат доволно храна и свежа вода, а надвор ќе имаат чист воздух за дишење со полни гради.
Кога би можел да посакам, би посакал планета на која нема болести, тага, жал и загуби...
 Јас посакувам, но сите ние драги другарчиња, заедно, можеме да ѝ помогнеме на нашата планета. Можеме да ги смениме нашите навики, можеме да рециклираме, да создаваме помалку отпад, да штедиме енергија, да ги натераме нашите родители да користат јавен превоз, да садиме дрвја, да ја чуваме и да не ја уништуваме природата.
КОГА НЕШТО СИЛНО СЕ САКА, ТОА МОЖЕ И ДА СЕ ОСТВАРИ! ТЕ САКАМЕ , ПРЕКРАСНА НАША ПЛАНЕТО ЗЕМЈА!

                                                                    Томи Анчевски  IV в одд.




ПОЧИСТА ПЛАНЕТА


Сакам да биде насекаде иста,
убава, зелена и чиста.
Сакам да бидеме среќни и здрави
ве молам да превземеме мерки прави.

Против ѓубре, пластика и штетен гас
на планетата ѝ е потребна помош од нас.
Не внимаваме, фрламе, загадуваме свесно
а можеме да рециклираме лесно.

Ве молам! Сакам навиките да ги смениме
и повеќе планетава да си ја цениме.
Да пошумуваме, дрвца да садиме,
помалку да градиме.

                                                                            АЊА КОЦЕВ  IV- г одд.


Одговорни наставници :  Весна Стевановска и Марија Илиева
 




Реализирана воннаставна онлајн активност ,,ИЗРАБОТКА НА ЕКО ПЛАКАТ И ПОРАКИ“
       Според предвидените содржини од ЕКО ПРОЕКТОТ и програмата за работа на нашето училиште во паралелката  V-б беше реализирана воннаставната онлајн активност на тема ЕКОЛОГИЈА. Учениците зедоа активно учество во истата и изработија повеќе плакати на таа тема!



НЕ ЈА ЗАГАДУВАЈ НАШАТА ПЛАНЕТА!
НЕ ФРЛАЈ ОТПАДОЦИ НАСЕКАДЕ!
РЕЦИКЛИРАЈ НЕ ФРЛАЈ!  
Преку низа пораки, учениците ја искажаа својата загриженост и интерес за зачувување на истата. Со учество во оваа активност учениците покажаа дека развивањето чувство на одговорност кон природата се развива уште од мали нозе и тоа треба да трае постојано како би придонеле во градењето на еко  -  самосвест и кај останатите граѓани кои помалку или недоволно се грижат за природата, како мајка на сите нас!
Во продолжение погледнете ги изработките од моите ученици!
                                          Одговорен наставник  Татјана Трпеска