понедељак, 29. март 2021.

ПАТРОНАТ 2020/2021 година

 

           И оваа учебна година, како и претходните, го одбележавме патрониот празник на нашето училиште, овој пат под мотото „Да е подобра од лани“. Единствена разлика беше тоа што поради пандемијата со Ковид вирусот, речиси сите активности беа реализирани on-line.

    Од 22. до 26. март 2021г. беа организирани ДЕНОВИ НА НАШИОТ ПАТРОН во кои беа опфатени: Читање реферат – биографии на училиштето и на преродбеникот Рајко Жинзифов, Еколошки ден, Спортски ден, Литературен и ликовен конкурс, On-line читање на литературните творби, Видео на Teams со наградени ученици и како завршна активност On-line видео приредба.

   Во сите активности учениците зедоа активно учество за што многумина од нив добија дипломи и пофалници, а од личните творби на учениците во училишната библиотека беше изработена ЗБИРКА која е поставена во училишниот google drive.



ООУ„Рајко Жинзифов“

(првобитно „Братство и единство“)

            По катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој го погоди Скопје, благодарение на солидарност и помошта од Владата на Велика Британија, беше изградено нашето училиште кое на 1 август 1964 година во населбата Драчево започна со работа овој „втор дом“ за 1226  ученика   распоредени  во  24  паралелки  од I до VIII одделение со кои раководеа и се грижеа за нив 33 учителки, учители  и  одделенски  раководители. Со растењето на населбата  растеше  и  бројот   на  учениците  поради  што  во  текот  на  тие годините беа отворени и  подрачни училишта  кои  потоа  се  осамостоија (ОУ „Кузман Шапкарев“ во населба Драчево и ЦОУ„Алија Авдовиќ“ во село Батинци), а исто така беше отворено и подрачното училиште во населба Пинтија во кое првобитно се изведуваше настава за учениците од I до IV одделение, а сега и од  I  до  IX  одделение. 

         Учебната 2014 година, благодарение на македонското  пријателство со Република Кина, ја  започнавме  во  нов  современ училишен објект изграден според  современите стандарди за  изведба на  наставно-образовниот  процес. Училиштето   располага  со  34500m2 од  кои 34 се училници за изведување на кабинетска  настава, специјализиран  кабинет  за  странски  јазици, комплетно  опремен  кабинет  по  информатика со најнова  технологија, опремени кабинети за  предметите од природни науки, техничко образование, богата училишна библиотека, наставнички канцаларии и други пропратни простории. Околу училиштето имаме уреден училишен двор, парк, зеленило и уредни патеки, фискултурна сала, фудбалско игралиште со специјализирана атлетска патека, а веднаш до него кошаркарско  игралиште каде учениците со задоволство уживаат во спортувањето.

        Уште од првиот  ден сите  вработени, и наставниот и административно-техничкиот персонал, целосно се вклучени во  планирањето и извршувањето на програмските цели и задачи на училиштето што резултира со конкретна мисија и визија според кои денес работиме: создавање поттикнувачка работна средина по високи етички стандарди на начин кој овозможува оспособување за живот и кој влева доверба кај учениците, наставниците и родителите; училиштето да биде безбедна, модерна средина во која што ќе се почитуваат разликите, со континуиран развој на наставниот кадар и со квалитетна настава базирана на современа методологија прилагодена на интересите на учениците.

      Нудиме организирана работна средина со грижа и подршка на секоја индивидуа, поттикнувајќи ја одговорноста, креативноста, успешноста и соработката меѓу сите субјекти. Сакаме да создадеме училиште во кое учениците ќе стекнуваат квалитетни знаења, високи постигнувања, самодоверба и вештини на комуникација кои ќе ја развиваат нивната интелектуална, емоционална и социјална зрелост. 

         Па затоа мотото на нашето училиште е: „Формирај го темелот на својата иднина“!


РАЈКО ЖИНЗИФОВ

(15 февруари 1839 – 15 февруари 1877г.)

Рајко Жинзифов е роден во Велес, во познато велешко семејство. Неговиот татко работел како учител во хеленизирани училишта и израснат под влијанието на грчкиот дух, тој му го дава на својот син грчкото име Ксенофон (на македонски Рајко). Основно училиште завршува во Велес, а подоцна му помага во учителската дејност на својот татко во Прилеп.

Во 1856г. се придружува на Димитар Миладинов во борбата за културна преродба на македонскиот народ. Токму затоа станува помошник - учител на Димитар Миладинов во Прилеп и Кукуш, каде што се залага за отстранување на грчкото влијание во училиштата.

Во 1858г. ја напушта Македонија и заминува во Русија за да студира на Московскиот универзитет каде е под заштита на  Константин Миладинов, кој реално му ја отсликува студената руска атмосфера. Во овој период Жинзифов воспоставува врски со некои македонски студенти и зема активна работа во партијата на учениците од словенските региони под турска власт. Воодушевен од дејноста на браќата Миладиновци, Жинзифов започнува да ја пишува нивната биографија.

По завршувањето на студиите, работи како професор по старогрчки јазик во една од московските гимназии. Во тој период ја издава својата единствена стихозбирка, а работи и на препеви од руски, украински и чешки јазик. Соработувал и со неколку бугарски весници: „Дунавска зора“, „Македонија“, „Слобода“ и др. каде што објавува дел од своите песни, а и свои статии, во кои остро се спротивставува на елинизацијата на македонскиот народ, со што го навлекол гневот на многумина.

Последните години од својот живот, ги минува во бедни услови, како емигрант во Русија, каде што и згаснува неговиот живот, во 1877година. 

Во текот на својот живот, објавил 39 песни во својата единствена стихозбирка, од кои најзначајни се: „Глас и „На Велигден Значаен е и како автор на првиот расказ во нашата литература со наслов: „На прошедба. Сепак, најзначајна трага во македонската книжевност остава со поемата „Крвава кошула“ издадена во 1870 во Романија. Во поемата се осудува турската тиранија и се опишува неподносливиот живот на нашиот народ под турско ропство. Поемата опишува вистински настан во кој една мајка, откако Турците ѝ го убиле единствениот син, ја донела неговата крвава кошула во град за да ја покаже на народот во црковниот двор.

Со сета оваа своја активност: со борбата против грчката елинизација, со својата учителска дејност, со своите песни со патриотска и социјална тематика, со првиот расказ во македонската книжевност, како и со поемата „Крвава кошула“  Жинзифов оставил силен печат зад себе и светла трага во македонската книжевност од 19 век.

                                                         Изработил: Никола Станковиќ – училишен библиотекар




На 22.03.2021 год. по повод недела на Петронатот на нашето училиште, одбележување на Светски ден на шумите и заштита на планетата Земја, се спроведе активност со учениците од I до III одделение со физичко присуство. Учениците преку боење ги искажаа своите емоции и чувства за подобра и почиста иднина - да ја зачуваме планетата Земја!

                                                                  Одговорен наставник: Цветанка Ѓорѓиевска



Денот на пролетта и екологијата учениците од  I-г, II-д и III-г одделение од подрачното училиште во Пинтија го одбележаа со садење на цвеќиња, пишување на Еко пораки, уредување на Еколошкото катче, изработка на хамери и цртежи.

                                                    Одговорен наставник: Кристина Никчевска



Согласно годишната програма на училиштето за одбележување на 21 Март  - Денот на екологијата и во рамки на еколошкиот ден по повод деновите на нашиот патрон, учениците од IV и V одделение творea на темата Чиста природа - здрав живот. Учениците својата креативност ја искажаа преку ликовни и литературни творби со што го одбележаа овој ден и упатија порака – ДА ЈА ЧУВАМЕ ПРИРОДАТА, ЗОШТО ЧИСТАТА ПРИРОДА НИ ДАВА СРЕЌНО, ВЕСЕЛО , БЕЗГРИЖНО ДЕТСТВО И ЗДРАВ ЖИВОТ. 

                              Одговорни наставници:  Весна Стевановска и Ирена Ѓоршевска



Онлајн еко-работилницата

 

По повод 21 март- светскиот ден на шумите и 22 март- денот на водата, предметните наставници по биологија и природни науки, Сандра Трпчевска и Билјана Милутиноска одржаа онлајн еко-работилница со учениците од 5 до 9 одделение. Оваа работилница беше одржана во склоп на неделата на празнување на патрониот празник на нашето училиште.

Учениците на свој уметнички начин ја претставија важноста на растенијата за добробитот на нашата планета. Дел од учениците преку своите цртежи испратија и важна порака „Да ја зачуваме планетата, да го зачуваме зеленилото, само зелена планета е среќна планета, а ние жителите на оваа драгоцена Земја, немаме резервна планета!“. Дел од нив решија овој ден да го обележат и со засадување на растение во својот дом. Со своите цртежи и пораки ја најавија и следната работилница за светскиот ден на планетата Земја.

Работилницата започна со дискусија помеѓу учениците, за моменталната состојба на планетата, шумите и водата, а оваа дискусија се разви, па учениците дојдоа до заклучок на кој начин се загадуваат почвата, водата и воздухот, како и на кој начин тоа може да се намали и спречи.

            Одговорни наставници: Сандра Трпчевска и Билјана Милутиноска




 Учениците и спортските активности – сигурна комбинација за здравје, среќа и напредок

Спортскиот дух на нашите ученици го развиваме преку разновидни активности што ги организираме во нашето училиште. Една таква активност беше и СПОРТСКОТ ДЕН во рамките на „Денови на нашиот патрон“.

Голема заслуга учениците да бидат вклучени во спортските активности има наставникот по физичко и здравствено образование проф. м-р Елеонора Живковиќ заедно со тандем наставниците од одделенска настава, кои и во услови на пандемијата со Ковид вирусот, со почитување на сите мерки се трудат да го развеселат училишниот ден и да ја разбијат секојдневната монотонија.

Практикување на спортските активности се од големо значење за правилно растење и развивање на учениците што претставува наша основна цел. За таа цел спортските активности се дел од секојдневната настава и несебично се трудиме да ги практикуваме во секој слободен момент во текот на наставниот ден.





Литературно читање

по повод патрониот празник на училиштето

 

По повод патрониот ден на нашето училиште, се одржаа низа активности, меѓу кои и литературниот конкурс на тема ,,Да е подобра од лани. Учениците од четврто до деветто одделение твореа прозни и поетски текстови на дадената тема. Одѕивот беше масовен, така што до нашето училиште пристигнаа вкупно 32 творби. Откако беа разгледани сите пристигнати творби, комисијата составена од предметните наставници по македонски јазик едногласно одлучија да ги наградат следниве ученици:

- 1 награда – Александра Андонова 9в и Урфета Тополец 9б

- 2 награда – Борјан Петров 7а и Ивона Радеска 7г

- 3 награда – Ема Кечовска 8а и Дарио Стојановски 6а

Сите ученици имаа можност да се претстават со своите творби кои ги прочитаа на литературното читање кое се одржа на 24.3.2021 г. со почеток во 12 часот, на Teems платформата. На ова читање присуствуваа директорката на училиштето, претставници од стручната служба, наставници, родители и ученици. Ова беше убава можност за заедничко дружење на кое дојде до израз креативноста на учениците кои твореа и низ пишан збор ги искажуваа своите желби за подобро утро.

На наградените ученици, како за литературниот, така и за ликовниот конкурс им беа доделени дипломи, а останатите ученици добија пофалници, со кои на симболичен начин им беше искажана благодарност за нивниот труд.

    Одговорни наставници:  Каролина Коларовска, Љуба Мишевска, Елена Ристевска

          Во одделенска настава за IV и V одделение беа наградени следниве ученици:

1 место - Никола Арсовски 5 б и Ангелина Димишковска 5 в 

2 место - Нина Милосавлевска 5 г и Јована Митрулова 4 в 

3 место - Јована Цветковиќ 5 а и Кјара Николовска 4 б 

 

      







      По повод патрониот празник членовите на литературната секција под водство на наставничката Елена Ристевска со заедничка лична творба и оваа година му искажаа чест на големиот македонски преродбеник Рајко Жинзифов.       

      На следниов линк може да ја видите објавената творба во интернет изданието на весникот „Нова Македонија“:

https://www.novamakedonija.com.mk/prilozi/kolibri/%d1%83%d1%87%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%be%d0%b4-%d0%be%d1%83-%d1%80%d0%b0%d1%98%d0%ba%d0%be-%d0%b6%d0%b8%d0%bd%d0%b7%d0%b8%d1%84%d0%be%d0%b2-%d0%b2%d0%be-%d1%81/





Oд личните творби на учениците во училишната библиотека беше изработена ЗБИРКА која е поставена во училишниот google drive која можете да ја видите/превземете на следнава адреса:
https://drive.google.com/drive/folders/1fo81pHFdt5g-cUmYPJ8bJKfb24fs8eXL





ЗАВРШНА МАНИФЕСТАЦИЈА ПО ПОВОД ПАТРОНИОТ ДЕН НА УЧИИШТЕТО

 

Свечената on-line приредба по повод нашиот патрон  се одржа на 26.3.2021 година со почеток во 12.00 ч. под мотото „ДА Е ПОДОБРА ОД ЛАНИ“. За таа цел беа снимени две видеа каде беа прикажани активностите во училиштето по повод патрониот празник.

Директорот на училиштето Љубица Наумовска ги поздрави присутните и го честиташе денот на училиштето со желба за уште поголеми успеси и постигнувања во сите сфери на училиштето.

Првото видео  ги содржеше активностите од деновите на патронатот од 22 до 26 март 2021г. и истото изобилуваше со многубројни активности со учениците. Во видеото беа прикажани и наградените литературни и ликовни творби по објавениот конкурс со мото „ДА Е ПОДОБРА ОД ЛАНИ“.

 Линк до видеото

https://www.youtube.com/watch?v=YlKa7KegU-I

 

 Второто видео содржеше културно – уметнички точки во кои земаа учество поголем број ученици под менторство на наставниците.

-          Хорска изведба на песната „Да е подобра од лани“;

-          Драматизација на ученици по дадено сценарио;

-          Драматизација со искази на англиски и македонски јазик;

-          Инструментална изведба;

-          Драматизација на слушана композиција Rainbow“;

-          Мисли и изреки на француски јазик;

-          Кореографија на песната „Да е подобра од лани“;

-          Ритмички чекори, придружени со пораки од ученици.

 Линк до видеото:

                https://youtu.be/OMOaDvA8eLY

                                                                                    Педагог:  Весна Рафеска












Нема коментара:

Постави коментар