На 02. 04. 2017г. беше одбележан Светскиот ден
на детската книга. На одделенскиот час беше прочитан информативниот материјал
изготвен од страна на училишниот библиотекар Никола Станковиќ преку кој се учениците
од II до IX одделение
се запознаа со историјатот и значењето на детската книга.
2 април се
празнува како светски ден на детската книгa
(International Children Book Day)
за да ја
инспирира љубовта кон читањето и да го сврти вниманието кон
детските книги во чест на роденденот на холандскиот автор на детски книги Ханс Кристијан Андерсен чија волшебност на
неговитe приказни
и ден денес достигнува до нас.
Ханс
Кристијан Андерсен е еден од најголемите писатели на бајки. Ги проширувал,
развивал народни мотиви во нив, но и создавал вистински дела. Неговите приказни
се читливи, разбирливи и лесно се занесуваат во нивната содржина, као децата,
така и возрасните. Тој комуницирал со децата и создавал толку впечатливи дела
затоа што пишувајќи и самиот тој размислувал како дете. Такви се неговите
приказни „Царевото ново руво“, „Оловниот војник“, „Малечката сирена“ и други.
Во 1958
година УНЕСКО формира Меѓународен Златен медал по името на Андерсен, нарекуван
уште и Мала Нобелова награда. Еднаш на две години оваа награда ја добиваат
најдобрите писатели и сликари-илустратори на детски книги. Наградувани се
Астрид Линдгрен, Селма Лагерлеф, Туве Јансон, Луис Керол и други.
Во секоја
земја во светот, од дамнешните времиња постоеле митови, приказни и легенди кои
се предавале од колено на колено низ вековите, споделувајќи ја нивната идеја за
креацијата, поврзувајќи се со историјата, споделувајќи го културното богатство,
фрлајќи искри на љубопитност и овозможувајќи насмевки на лицата.
Најголемо е
задоволството да се чита сам и полека, чекор по чекор, да се откриваат тајните
на волшебниот свет и да се патува низ просторот и времето. Тој свет ќе го
најдеме вткаен во приказните и бајките на писателите на детска литература.
Додека читаме ќе одлетаме на крилјата на фантазијата во непознати земји и ќе го
доживееме сето она што го доживеале јунаците во приказните и бајките.
Светот
околу нас е преполн со тајни, а писателите на ваквите приказни и бајки сакаат
да ги откриваат и одгатнуваат и некако да одговорат на детското „зошто“ и
„како“. Бајките се нижат една по друга. Некои се тажни, некои се весели, ама
сите се прекрасни.
Бајките ги
оплеменуваат децата. Тие во нив ги развиваат најубавите чувства: правдата,
вистината, љубовта на човекот кон човекот. И токму поради тоа бидејќи децата ги
прават подобри, поубави, посочувствителни, бајките се читаат и учат во сите
училишта во светот.
Посебно
треба да се истакне значењето на детската и младинската книжевност, бидејќи
децата се подмладокот на човештвото. Нивното воспитување спаѓа во најважните
дејности на луѓето. Оваа литература денес е една од најзначајните и највредните
скапоцености за децата ширум светот.
Во
Македонија попознати и позначајни автори на детска литература, чии дела носат
универзални и вонвременски пораки се: „Шеќерна приказна“ на Славко Јаневски,
„Волшебното самарче“ на Ванчо Николески, „Белото циганче“ на Видое Подгорец,
младешките теми во делата на Горјан Петрески, како и автори кои пишувале дела
за деца, а веќе биле афирмирани како писатели за возрасни: П.М. Андреевски -
„Шарам барам“, Томе Арсовски - „Дедо Мраз и Феферона“, Михаил Ренџов - „Ангела сонува“,
писателките за деца, како Бистрица Миркуловска, Славка Арсова, Косара
Гочковска, Славка Манева, Јадранка Владова, Оливера Николова, чија лектира
„Зоки Поки“ е прогласена за најпопуларна книга за деца на македонски јазик.
Авторите на
детската литература се трудат во своите дела да не ги лажат децата, туку да им
раскажуваат за нешта што им се блиски, да им ја поттикнуваат фантазијата, да го
негуваат литературниот јазик, а во песните да не пишуваат бесмислени зборови
само за стиховите да имаат рима. Само така од дете што ја сака книгата ќе се
добие и возрасен читател. Поетот Михаил Ренџов истакнува дека пишувањето за
деца е одговорна задача, а како пример за автор за деца го посочува Стојан
Тарапуза. За него вели: „Се плашев од литературата за деца зашто ја сметав за
пресериозна. Затоа првата книга за деца ја напишав на 65 години. Учев од моите
колеги, а моите деца ги учев од стиховите на Стојан Тарапуза“.
Освен
делата на домашните писатели на детска литература, кај нас се подеднакво
познати и читани и светски познатите книги за деца почнувајќи од „Малиот принц“, „Гуливеровите патувања“,
„Робинзон Крусо“, „Хаклбери Фин“, преку „Мери Попинс“ или „Алиса во земјата на
чудата“, па сè до поблиското минато на
„Хобитот“, „Господарот на прстените“, „Хрониките на Нарнија“, „Хари Потер“ и
многу други.
За крај и
една занимливост:
Џ.М.Бери
имал само шест години кога неговиот брат, Дејвид, загинал во несреќа. Смртниот
случај бил преголем удар за неговата мајка. Дејвид бил нејзиниот омилен син, а
загинал два дена пред неговиот 14-ти роденден. За да ѝ помогне на
мајка си, малечкиот Бери започнал да ги носи алиштата на неговиот брат и да се
однесува како него. Неговата мајка конечно ја прежалила смртта на нејзиниот
син, но не поради глумата на Бери. Таа се тешела дека Дејвид ќе остане со неа
засекогаш како момче кое никогаш нема да порасне.
Ви звучи
познато?
На Бери му
се допаднало ова толку многу што создал сопствено момче кое никогаш нема да порасне – Петар
Пан.
ПРОЕКТ: „Заедничка грижа“- Родителот е наставник
На
30.03.2018 година (петок) во IV-г
одделение се реализираше наставен час Природни науки од страна на
родителот Виолета Радеска, радиолошки
технолог во Клиника за радиологија. Наставната единица носеше наслов „Заштита на коските при повреди и заболување - Обработка“.
Родителот
на многу интересен начин преку боење на наставни ливчиња на коските на
човекот ги утврди знаењата на учениците
за видовите на коски. Следеше кратко
објаснување за заштита на коските , а учениците преку нагледните средста - РТГ снимките можеа да видат како изгледа повреда на
некој вид коска, како изгледа коската после операција со поставување шипка и
штраф и сл. Учениците поставуваа прашања
за повредите на коските, како треба да се постапува при повреда на некој вид на
коска, дали храната има влијание за издржливоста на коските и многу други
интересни прашања поврзани со темата „Коски и мускули“.
Повратна
информација за усвоеноста на знаењата од наставната единица која родителот им ја пренесе на децата со многу нагледности
беше интересниот КРТОЗБОР. Учениците го пополнија кртозборот со поими од
претходно изученото кои ги повторивме со наставното ливче и со поими од новата
наставна содржина.
Се усвоија
новите поими „фрактура“ и „рахитис“. На крајот од часот учениците преку
рефлексија ги искажаа нивните впечатоци од часот и ги повторија поимите, при
што се воочи дека целите на часот се постигнати. Беше постигната интеракција
меѓу учениците и „Родителот-наставник“. Прекрасен час, се надевам дека беше и
едно убаво искуство за моите ученици и за родителот Радеска. Ја јакнеме
соработката: УЧЕНИК- НАСТАВНИК-РОДИТЕЛ.
Одговорен наставник: Даниела Костадинова
Регионален натпревар по математика
На 31.03.2018 год. со почеток во 9.00 часот
во ОУ„Марко Цепенков“- Зелениково со времетраењеод 150 мин.се одржа
Регионалниот натпревар по математика. На овој натпревар учествуваа основните
училишта од општините Кисела Вода, Зелениково и Сопиште. Од нашето училиште на
натпреварот учествуваа вкупно 12 ученика од 4. до 9 одд. Од 4. одд. учествуваа
Јана Мирчевска и Марко Марковски, од 5. одд Мила Тасевска и Мила Атанасовска, 6.
одд учествуваше Никола Десковски, 7. одд Емељ Чико и Марко Стефковски, од 8.
одд. Ева Карамановска и Ели Петреска и од 9. одд. Дамјан Георгиевски, Симона
Данчева и Марија Цветановска.
Одговорни
предметните наставници по математика
Нема коментара:
Постави коментар