четвртак, 30. децембар 2021.

Донација од Народна Република Кина

 

      На 29. 12. 2021г. нашето училиште, кое е цолосна донација од Н.Р. Кина, доби донација од 12 таблети кои ќе помогнат во изведувањето на наставата. Истите ни беа врачени лично од амбасдорот на Народна Република Кина, неговата екселенција Џанг Ѕуо.

    На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода г-дин Орце Ѓорѓиевски. Амбасадорот и градоначалникот заедо го разгледаа училиштето, како и спортската сала, која исто така е донирана од Н.Р. Кина и воедно поразговараа и се договорија за сферите во кои постојат можности за унапредување на соработката.






уторак, 28. децембар 2021.

Работилница на тема „Огледалце, огледалце мое...“

 

   На 23.12.2021г. беше одржана работилница на тема „Огледалце, огледалце мое...“ со учениците од V - г одделение. Реализатори на работилницата се одделенскиот наставник Кети Сталеска и училишниот психолог Бранка Б. Стојковиќ.

     Цели на работилницата:

- Секој ученик да ги препознае своите јаки и слаби страни;

- Да ги научи учениците дека самодовербата и сигурноста во себе се важни за постигнувањата во животот;

- Учениците да научат да ги идентификуваат своите потенцијали.

Работилницата се одржа за време на часот по одделенска заедница.       

   Сите ученици активно учествуваа во работилницата. За време на процесот на рефлексија од работилницита, учениците споделија како се чувствуваат, што треба да прават за да се подобрат и како овие сознанија можат да ги применат во секојдневниот живот.






понедељак, 20. децембар 2021.

УЧИЛИШЕН ПАРЛАМЕНТ

 

   На 16.12. 2021 година Училишниот парламент го одржа третиот по ред состанок и на истиот присуствуваа и учениците од подрачното училиште.

 На состанокот покрај вообичаените точки на дневен ред се реализираа и презентации на темите „Булинг“ и „Сајбер насилство“.

   За Булингот – меѓуврсничото насилство како негативна појава општо меѓу младите зборуваше психологот на училиштето Бранка Б. Стојковиќ која преку презентација  го објаснуваше поимот булинг, видовите булинг и препознавање на истиот.  Целта на предавањето беше подигнување на свеста кај учениците за последиците од меѓуврсничкото насилство, како директни учесници и како индиректни набљудувачи.

  За Сајбер насилството, како насилство преку електронски средства, зборуваше педагогот на училиштето Весна Рафеска. Сајбер насилството е реален проблем на денешницата, а жртва може да биде секој. Предавањето содржеше информациии за формите на сајбернасилството и совети за спречување на  истото.

  На крајот од средбата учениците членови на Училишниот парламент заеднички ја накитија новогодишната елка со пораки за многу здравје, успеси и среќа во Новата 2022 година.

                                                                                 Стручни соработници






уторак, 14. децембар 2021.

ТЕХНИКИ ЗА УСПЕШНО УЧЕЊЕ

 

Согласно годишните планирања на стручните соработници педагог и психолог во текот на месеците октомври/ноември 2021 г. во  сите шести одделенија во централното  и подрачното училиште беа реализирани по две работилници со презентација на тема „Техники за успешно учење“. Работилниците имаат интерактивен карактер, а на крајот од работиницата секој ученик доби флаер со содржина од презентацијата.

 Цел на работилницата: кај учениците да се развијат вештини за самостојно учење, да умеат да го препознаат сопствениот начин/стил на учење и „да научат како да учат“.

                                                                Стручни соработници

 

  







понедељак, 13. децембар 2021.

Изработка на брошура за Македонија, повторување за туризам (отворен час)

 


Согласно планирањата на годишната програма за V одделение и активот на одделенска настава на 10.12.2021г. (петок) во V-г одд. е одржан отворен час по општество, наставна цел – Изработка на брошура за Македонија (повторување за туризмот во Македонија). Со учениците со помош на интерактивна презентација за туризмот и за природните убавини и историските локалитети во Македонија учениците се запознаа и ги проширија сознанијата за природните блага и историските богатства на нашата татковина. Со техниката бура на идеи ги заокруживме важните сегмените од туризмот како терцијална стопанска гранка и можностите за негов развој во Македонија. Во главниот дел од часот учениците низ играта „Јас сум туристички агент“ имаа задача да изработат брошура по дадени насоки со која ќе ги запознаат идните можни туристи и ќе ги популаризираат локалитетите во Македонија. Откако ги изработија брошурите, истите ги презентираа. Учениците беа задоволни од активностите и имаа можност да ги искажат стекнатите знаења за природните особености и историските локалитети на Македонија, но и да истражуваат и да разменат различни информации.

На овој час присуствуваа наставниците Богданка Пановска и Елена Ристевска. Користените материјали за текот на часот се споделени со активот на одделенска настава и педагошката служба на училиштето.

Часот го реализираше одделенскиот наставник: Кети Сталеска




четвртак, 9. децембар 2021.

Чествување на 8 Декември, Св.Климент Охридски

 


      Со изработка на паноа и творби  и оваа година учениците го чествуваа 8 Декември, денот на Св.Климент Охридски, најдобриот ученик и следбеник на просветителската дејност на Кирил и Методиј. За неговиот живот и дејност  како и за основањето на Охридската книжевна школа беше прочитан реферат на училишната разгласна станица. Учениците работеа под менторство на предметните наставници по македонски јазик.




уторак, 7. децембар 2021.

Литературен државен конкурс на прозни и поетски творби

По повод стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, Министерството за образование и наука  организираше литературен државен конкурс  на прозни и поетски творби до сите основни училишта во чест на неговото творештво.

Ученикот  Матеј Колигов од 8-б одделение се здоби со прва награда за најдобра поетска творба „Поезијата на Блаже Конески“, под менторство на наставничката по македонски јазик Љуба Мишевска. Наградата од комплет книги посветени на Блаже Конески и пофалница, беше подигната на 29.11.2021 година.