понедељак, 11. јун 2018.

ПРОЕКТ ЗА МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Во подрачното училиште во нас.Пинтија на 06.06.2018год. под координација на педагогот на нашето училиште, Весна Рафеска, беше реализирана работилница од проектот МИО на тема:„Сите сакаме чиста и здрава животна средина“.
Цели на активноста: Запознавање и непосредно учење едни за други, градење на групна кохезија и кооперативност, почитување на различностите, меѓусебна соработка и комуникација.
Во активноста учествуваа вкупно 38 ученика - 16 ученика од IV одделение од партнерското училиште„Алија Авдовиќ“ од с.Батинци со нивната наставничка Ајсела Бачевац-Џоговиќ и 22 ученика од IV-г одделение под водство на нивната наставничка Даниела Костадинова.
Во воведната активност преку знакот за рециклирање - пренамена на отпадните материјали во нешто корисно и потсетување на важноста за сите луѓе на целиот свет без разлика на пол, вера и националност за чиста и здрава животна средина се дадоа напатствија за играта „Рециклирај“ од образовниот пакет„Green pack junior“ со примена на ИКТ. Со ждрепка беа избрани 2 групи по 4 ученика изедначени по етничка припадност за да ја одиграат играта. Победник е онаа група која ќе освои повеќе поени, односно точно ги селектира отпадоците во контејнерите обележани за намената.
Во втората активност учениците се поделија во 6  групи во мешан состав и секоја од нив имаше задача на хамер да ги распореди сликичките на различни материјали во нацртаните контејнери. Ги селектираа во контејнери за: хартија, стакло, пластика и алуминиум. Имаше и сликички на материјали кои не припаѓаа на ниту еден од тие контејнери, па требаше да се залепат во едно множество надвор од контејнерите.
По презентирањето на активноста на сите 6 групи следеше заклучок дека сите можеме да придонесеме на најразлични начини да имаме чиста и здрава животна средина. Пораката беше кажана и напишана на двата наставни јазика.
Завршната активност ни беше садење на цвеќе како симбол на чиста и здрава животна средина. Каде нема отпадоци, растат цвеќиња. Беа посадени две цвеќиња со пораки за пријателство меѓу двете групи на кои му се радуваа двете одделенија. Едното цвеќе го подаривме на нашите гости, а другото цвеќе остана во нашата училница да го негуваме како „Цвеќе на пријателството“

                                              Одговорен наставник: Даниела Костадинова




ПРОЕКТ ЗА МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
Работилница: „Скопје мојот град“

Учениците од V одделение од подрачното училиште во н. Пинтија заедно со учениците од партнерското училиште „Алија Авдовиќ“ од с.Батинци на 06.06.2018 год. успешно ја сработија креативната работилница на тема:Скопје мојот град .
Учениците се запознаа со содржината и активностите за денешниот час преку презентација за градот Скопје. Се потсетија на богатото културно и историско минато и на верските објекти во градот: цркви, џамии, амами...
 Учениците кои зедоа учество, поделени во избалансирани групи по пол и етничка припадност имаа за цел да насликаат омилени места од градот Скопје, да залепат слики на хамер и да изработаат книга за градот.
Овие активностите беа пред сè во насока на запознавање на децата и другарување, а потоа и на совладување на наставната единица. Искуството беше незаборавно - и за нас наставничките и за учениците. Овој час беше пример за тоа дека многу лесно можеме да бидеме заедно, да се дружиме, да спроведуваме активности, сеедно од која националност сме, сеедно која вера ја имаме. Дружењето не познава граници, ниту верски ниту национални. Овие дечиња го покажаа тоа. Активноста во групи беше многу корисна, бидејќи учениците имаа можност подобро да се запознаат и да разменуваат идеи и мислења.
Додека  работеа наставниците ротираа од група до група и постојано беа поддршка и помош, мотивирајќи ги учениците да дискутираат за темата на која што работат. Се зборуваше на двата јазика.
На крајот учениците искажаа задоволство и среќа, научија нови работи и се спријателија со нови другарчиња.
                                                      Одговорен наставник: Кристина Никчевска



Нема коментара:

Постави коментар