петак, 30. децембар 2022.

Учиме и истражуваме!

 

Во рамките на проектот ,,Заедничка грижа" на часот по Природни науки во Подрачното училиште во IV-г одделение во улога на наставник беше родителот Соња Кузмановска - професор по биологија.

Учениците со помош на интерактивна табла и со нагледни средства со моделите на животни и слики од групата 'рбетници и безрбетници стекнаа знаења за животните со овие карактеристики. Внимателно следеа и појавија интерес за истражување. Поставија многу интересни прашања за кои добија одговор.

На крајот на часот следеа квиз прашања со кои учениците потврдија дека стекнале знаења.

Благодарност до родителот кој со своето професионално искуство ни подготви интересен час.



четвртак, 29. децембар 2022.

Слободни ученички активности на учениците од II-а и II-б одд.

 

Денес, 28.12.2022г., во рамките на слободните ученички активности учениците од II-а и II-б одделение имаа предновогодишно дружење во кое си ги споделија своите желби и честитки за Новата година и меѓусебно си подарија свои изработени честитки со многу радост и насмевки на лицата .

                                  Одделенски наставник : Светлана Жежовска



среда, 28. децембар 2022.

„И ти можеш да бидеш Дедо Мраз и да измамиш насмевка“

 

Во периодот од 20.12.2022 година до 27.12.2022 година, во ООУ „Рајко Жинзифов“ – населба Драчево, Скопје беше спроведена ученичка акција – донирање подароци наменети за децата од „СОС Детско село“ со цел да им се разубават претстојните празници. Идеата беше поттикната од учениците од VIII и IX одделение, како и од членовите на Ученичкиот парламент, кои во изминатиот период работеа посветено на нејзината реализација. Акцијата беше успешно спроведена, учениците донираа голем број разновидни подароци кои беа испратени во вистинските раце. Покрај можноста да се сподели радоста и празничната еуфорија со децата од „СОС Детско село“ чии празници се надеваме дека ги направивме повесели, организирањето на оваа ученичка акција беше одлична можност и за нашите ученици да се запознаат со вистинското значење на зборот хуманост, како и да им се всадат правите вредности кои треба да ги носат со себе понатаму во животот.

Акцијата беше организирана и координирана од наставничката по граѓанско образование: Валентина Јанкоска, како и од педагогот на училиштето: Весна Рафеска.






среда, 21. децембар 2022.

Училишен парламент

 

    На 21.12. 2022 година Училишниот парламент го одржа третиот по ред состанок и на истиот присуствуваа и членовите на парламентот.

  На состанокот покрај вообичаените точки на дневниот ред се презентираше и Нацрт извештајот од интегралната евалуација од 28 до 30 септември 2022 г. По однос на истиот членовите се изјаснија дека немаат никаква забелешка.

 Учениците информираа за спроведување на иницијативите за хуманитарни акции по повод престојните новогодишни и божиќни празници.

  На крајот од средбата учениците членови на Училишниот парламент заеднички ја накитија новогодишната елка со пораки за многу здравје, успеси и среќа во Новата 2023 година.

                                                                 Стручни соработници



понедељак, 19. децембар 2022.

Остварена едукативна посета на два музеја

 

За учениците од 9-г одделение од подрачното училиште на ООУ „Рајко Жинзифов“ во населба Пинтија на 16 декември 2022г. беше организирана и успешно остварена едукативна посета на два музеја:

1.Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

2. Музеј на македонската борба.

Во рамките на посетата учениците слушаа објаснување од водич во музејот додека ги разгледуваа поставките. На овој начин тие ги продлабочија своите знаења за историјата на Македонија и за тоа како таа е претставена во горенаведените музеи. Преку слушањето на објаснувањето и разгледувањето на поставките беше остварено поврзување со материјата што се учи во рамките на наставните програми за Историја во 7-мо, 8-мо и 9-то одделение.

За време на посетата во двата музеи нашите ученици беа културни и дисциплинирани и тоа претставуваше убава слика за нашето училиште. Ова веќе е втора организирана посета оваа година на музеи за ученици од ООУ „Рајко Жинзифов“. Ако условите дозволат во текот на оваа учебна година ќе се реализираат повеќе едукативни посети од ваков тип.




петак, 16. децембар 2022.

Новогодишната претстава со Дедо Мраз

 

   На 15.12.2022 год.  учениците од I-д одд. во соработка со родител имаа можност да реализираат воннаставна активност: следење на интерактивна „Новогодишна претстава со Дедо Мраз“ во хотел „Континентал“. Учениците  се дружеа со Дедо Мраз и неговите пријатели, цртаа по некој цртеж, ја нацртаа и својата новогодишна желба и лично му ја врачија посакувајќи да им се реализира. По завршувањето на претставата следеше пријатно изненадување за секој ученик - поделба по едно новогодишно пакетче.

                    Одговорни  наставник:   Елена Стојановска



петак, 9. децембар 2022.

8 Декември-Св. Климент Охридски

 

По повод  8 Декември - Св. Климент Охридски, учениците од VIII и  IX одделение напишаа реферат посветен на Св. Климент, неговиот живот и дело како  за значењето на Охридската книжевна школа кој беше прочитан на училишната разгласна станица. Учениците исто така изработија  паноа и лични творби со прекрасни стихови посветени на нашиот просветител. Часот по македонски јазик беше посветен токму на овој деец преку прикажување на презентации изработени од самите ученици.

   Одговорни предметни наставници по македонски јазик.



среда, 7. децембар 2022.

Слободни активности на учениците во II - б одделение

 

На 6.12.2022г. родителката  Аница Муриќ во улога на наставник слатко ги изненади учениците од  второ - б одделение организирајќи работилница на тема: „Украсување на новогодишни колачиња“ во која со нејзин материјал и по нејзини насоки ја разбуди креативноста и љубопитноста на учениците , па вредните рачиња на нашите вторачиња  декорираа со големо задоволство медени колачиња.

                          Одделенски наставник : Светлана Жежовска




Посета на детскиот фестивал

“ Златно славејче “

 

          На 05.12.2022 година, понеделник, учениците од одделенска настава од I до V одделение, од централното и подрачното училиште го посетија фестивалот “ Златно славејче“. Фестивалот  се одржа во просториите на Македонска Филхармонија. За таа цел претходно беше организиран превоз до салата и назад до училиштето. Учениците со големо задоволство и интерес  ги следеа сите  настапи од учесниците во фестивалот. Се забележуваа позитивни чувства и добра забава. Доброто расположение се пренесе и во автобусите за назад во училиште. Безбедно и со позитивна енергија се вративме во училиште.

Одговорни одд.раководители: Цветанка Ѓорѓиевска и Кристина Никчевска




понедељак, 5. децембар 2022.

ОТВОРЕН ДЕН ПО ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ

 

На 28.11.2022 година, учениците од ООУ „Рајко Жинзифов“ од населба Драчево, го одбележаа четвртиот по ред Отворен ден по граѓанско образование, овој пат во форма на ученичка иницијатива. Темата на Отворениот ден оваа година беше „Подигање на свеста за безбедноста во сообраќајот“, тема која е подеднакво важна за младите, но и за повозрасните учесници во сообраќајот. Во оваа ученичка иницијатива учество земаа 14 ученика од IX одделение. Настанот беше помогнат и од двајца полициски службеници од Полициската станица во населба Драчево кои ги придружуваа учениците во целата акција и допринесоа за нејзина успешна реализација. Акцијата се состоеше од подготовка на материјали во форма на летоци на тема „Безбедноста во сообраќајот“, кои потоа учениците ги делеа на сите учесници во сообраќајот во населбата. Летоците носеа моќни пораки во себе.

Во подготовката и реализацијата на настанот, учениците од IX одделение работеа под раководство на наставничката по граѓанско образование, Валентина Јанкоска, а со голема поддршка и помош од страна на педагогот Весна Рафеска и директорот на училиштето, Љубица Наумовска.

Како дел од активностите по повод Отворениот ден, учениците изработија и стрип кој е наменет за едукација и мотивација на учениците од основно образование, како и кратко видео со кое е документиран целиот настан. Стрипот и видео материјалот од Отворениот ден ќе бидат достапни на интернет страницата на нашето училиште.