Во низата активности кои перманентно се одвиваа во нашето училиште, значајно место завзема и работата на училишниот хор и оркестар.
Учесниците во хорот се грижливо одбрани по пат на аудиција но и реаудиција. Во него учествуваат ученици кои имаат слух, дарба, а покрај двете наведени особини и љубов да се биде дел од хорските активности за кои може да се зборува со нималку скромност.
Беа изведувани дела од светската класична хорска литература, дела адаптирани од македонски композитори на база на нашиот фолклор, па се до композиции кои имаат поп-карактер. На моменти, хорот се редуцираше, па во зависност од потребите на делата кои се изведуваа се трансформираше во пеачки состав. Хорот има учествувано неколкупати на Општински и Градски Смотри, со видливи резултати.
Бројни се настапите на патроните празници, хуманитарни концерти, детски фестивали и денови на општината. Во моментот хорот брои четириесеттина учесници и во план е реализација на нови оригинални или адаптирани двогласни и трогласни композиции. Песната ,,Ова мало срце” која беше изведена од Петар Ѓуревски како солист, и училишниот хор, ги освои сите награди, вклучивајќи и Гранд-При, на интернационалниот фестивал ,,Сунчане мале скале” во Херцег Нови.
Училишниот оркестар е во видлив подем. Последното остварување е првото место како и на Општински така и на Градски Смотри. Има мешовит карактер ( мандолини, мандоли, гитари, блок флејти, флејта, кларинет, виолина, металофон, итн. ).
Оркестарот изведуваше дела од фолклорното поднебје, од светските класици, и популарни нумери, аранжирани според свирачката кондиција, но и самиот инструментален состав.
Хорот и оркестарот имавме можност да ги слушнеме и заедно во делото ,,Во природата” од Јохан Себастијан Бах, како и во рок баладата ,,Биди до мене” изведена со два вокални солиста, пеачка група и мини оркестар. Последното дело беше изведено и во утринска телевизиска емисија, се разбира, во живо.
Досегашните критики ни даваат за право за училишниот хор и оркестар да говориме со особено задоволство и гордост.
Никола Коларовски VIII-б одд.